Кочани

Објавил: Калина Мартинска | 22 март, 2025 17:14

Мицкоски во посета на семејството на херојот Иле Гоцевски: Храброста и човечноста остануваат вечно сведоштво!

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Возачот на Брзата помош Иле Гоцевски, кој на 16 март цела ноќ превезувал повредени лица по пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, починал кога си дошол дома.

Премиерот Мицкоски денеска го посети семејството на Иле.

„Денес го посетив семејството и сопругата на Иле Гоцевски – возачот на Брзата помош кој, со пожртвуваност што нема цена, цела ноќ им помагаше на повредените од трагедијата во Кочани. Во време кога тагата не престанува, неговиот подвиг потсетува дека храброста и човечноста живеат во нашите луѓе. Тоа се нашите херои! Иле замина тивко, но зад себе остави пример кој нема да го заборавиме. Мојата почит и поклон за него. Почит и до сите што несебично им служат на граѓаните. Вечна ти слава, Иле“, напиша Мицкоски на социјалните мрежи.

Инаку, Иле Гоцевски ќе биде постхумно одликуван, најави вчера министерот за здравство, Таравари.

„Тој ден сите работевме повеќе од 20 часа. Јас немам информација колку часа возачот работел, меѓутоа неспорно е дека направил огромна работа со превозот на пациенти. Како министер за здравствоm планирам следната недела да го викнам неговото семејство и постхумно да го одликувам. Во вонредна состојба сите работиме без да погледнеме во часовникот“, кажа Таравари.

Според објава на неговото семејство, Гоцевски си дошол дома после тешката ноќ, легнал да спие и не се разбудил.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести