Изјава

Објавил: Калина Мартинска | 29 ноември, 2024 17:54

Мицкоски најави акција против судии и обвинители кои ја попречувале правдата

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Акција против судиите и обвинителите што ја спречуваат правдата од понеделник најави на 29 ноември премиерот Христијан Мицкоски. Тој изјави дека акцијата нема да биде „естрадна“, но ќе биде остра.

Оваа изјава е последната во серија критики кон правосудниот систем што премиерот ги посочува во изминатава недела.

„Мислам дека имате претстава дека не функционираме како естрада и сигурно дека нема јас сега да кажувам како што тоа во минатото се случуваше пред камери или пред медиуми и да носам специјални полициски единици, да понижувам луѓе, индивидуи итн,“ изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за можноста за распуштање на Судскиот совет.

Тој посочи дека власта има план и дека од понеделник почнува спроведувањето на планот.

„Доволно беше чекање, чекавме, дадовме шанса. Очигледно дека прежестоки се нападите наеднаш на дијареја, грчеви во цревата, главоболка, температура, анксиозност итн. кога ќе треба да се потпише последниот указ за да се спроведе правдата за жал кај поедини обвинители,“ изјави Мицкоски.

Претходно, на 28 ноември, од собраниската говориница, Мицкоски изјави дека имал информации оти неколку стотици случаи од Министерството за внатрешни работи и финансиската полиција кои се наоѓаат во Обвинителството за постапување и дека по нив не се постапува.

Одговарајќи на пратеничко прашање, рече дека таму има луѓе кои не ги интересира правдата, туку дека тие се заробеници на некого.

„Таму има еден клан од двајца, еден од тројца, една е сама, добивам документи од свиркачи за фалсифкувани записници со различни дати, различни печати, без потписи. И ако тоа не е основа за јавниот обвинител да влезе и да провери, не знам кој глас треба да допре до Обвинителството за да постапи. Но, затоа веднаш допре гласот за ТОЕФЛ на Бојан Христовски. Кога СДСМ излезе од говорницата, истиот момент тој глас допре кај Гаврил Бубевски. Веднаш таа фреквенција стигнува до него и тој беше спремен веднаш, но кога треба да се постапува, тогаш треба медицински третман за симптомите со кои излегува во јавноста и ги опструира акциите на истражните органи“, посочи Мицкоски од собраниската говорница на 28 номеври.

Државниот обвинител Љубомир Коцевски, пред почетокот на седницата на Советот на јавни обвинители по критиките за работата на правосудниот систем и конкретно на Обвинителството, како и дали очекува негова смена, изјави дека тој ќе продолжи да работи професионално, а доколку евентуално направил грешка, условите за негово разрешување се наведени во Законот за јавно обвинителство.

„Јас ќе продолжам да работам најпрофесионално, законито и чесно и се што е во мојата надлежност, што значи дека останатите политички изјави не можам да ги коментирам“, изјави Коцевски.

По однос на прашањата за отсуствата на обвинителите, Коцевски посочи дека станувало збор за само еден случај од пред дваесетина дена. Како што изјави, предметниот обвинител имал вирус и не можел да дојде на закажаниот состанок со претставници на МВР, но оти само по три дена обвинителот присуствувал на неколку состаноци со надлежните служби од полицијата за евентуална координација на одредени предмети.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.