Со конкретни проекти ќе го унапредиме образованието

Објавил: Калина Мартинска | 1 октомври, 2024 14:38

Мицкоски на првиот академски час до студентите: Вие сте иднината

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Премиерот Христијан Мицкоски денес беше на првиот академски час до студентите.

-Денес, стојам пред вас не само како премиер, туку и како редовен професор на Машинскиот факултет при нашиот најреномиран Универзитет кој го носи името на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј. Универзитет кој отсекогаш бил центар на знаењето, развојот и иновациите во нашата држава. Често се навраќам во просториите на мојот матичен факултет и денес со истата желба која ме водеше уште кога започнав како млад асистент пред повеќе од 2 децении. Токму тука, во оваа академска средина го зацврстив моето претходно уверување дека образованието не е само процес на учење и пренесување знаења, туку дека е извонредно животно патување кое не завршува никогаш, туку само се надоградува, се менува и се прилагодува со текот на времето. Како што рекол големиот филозоф Аристотел: „Корените на образованието се горчливи, но плодовите се слатки“.
Ова е токму она што го гледаме денес – студентите се борат низ предизвиците на студирањето, но на крајот нивната упорност е она што ги води кон високи резултати кои ги надминуваат нивните почетни очекувања, истакна Мицкоски.

Тој порача дека наша задача како држава е да ги создадеме условите во кои овие „корени“ нема да бидат толку горчливи.

-Од таа причина, посветени сме на повеќе конкретни проекти кои ќе го унапредат квалитетот на високото образование. Прво, планираме значително да го модернизираме инфраструктурниот капацитет на нашите универзитети. Веќе започнуваме со институционални ангажмани за натамошна реконструкција на лабораториите на некои факултети во дел од нашите Универзитети низ земјата, каде ќе се постават најсовремени опрема и технологии кои ќе им овозможат на студентите да стекнат практични вештини во склад со потребите на современата индустрија. Второ, започнуваме со обликување на проект за дигитализација на универзитетската администрација со цел да ги олесниме процесите на пријавување, запишување и оценување. Ова ќе ја намали бирократијата и ќе им даде повеќе време на професорите и студентите да се фокусираат на она што е најважно – образованието.
Трето, ја промовираме програмата за интернационална соработка и размена на студенти. Студентите и професорите ќе имаат повеќе можности за студирање и истражување во странски универзитети, со цел да се разменат искуства и да се применат најдобрите практики од светот во нашето образование. Ова ќе ни помогне да го подигнеме нивото на компетентност и иновација во нашите институции. Исто така, важно е да ги поддржиме нашите професори и да ги мотивираме да продолжат со својот научен развој. За таа цел, обезбедуваме зголемени средства за научно истражување и се залагаме за создавање на фондови за поддршка на научните проекти кои ќе го поттикнат развојот на нови технологии и иновации, посочи Мицкоски.

На студентите премиерот им порача дека тие се иднината на оваа држава.

-Секој од вас носи во себе потенцијал да направи промена, да креира нешто ново, нешто големо. Свети Кирил и Методиј не е само име на нашиот универзитет, тоа е важен симбол на знаење, симбол на нашата култура и историја. Искористете го ова време за да изградите нешто значајно за себе, за вашето семејство, за вашата земја. Нашата цел е јасна, да создадеме образовен систем кој е во чекор со времето, кој ги задоволува потребите на општеството и пазарот на трудот, и кој ви дава можност да бидете глобално конкурентни. И тоа ќе го направиме заедно – со вашата посветеност и со нашата поддршка. Претседателот на Студентската организација напомена дека би биле пресреќни својата иднина да ја гледаат тука во Македонија, а наша цел и како професори и политичари е да ве инспирираме. Ќе продолжиме да го работиме она што го работиме и кое што најдобро го знаеме. Но, сакам да ви испратам една порака дека во животот ништо не паѓа од небото и дека ништо не е така едноставно како што изгледа на социјалните медиуми. Треба да се борите и треба да се борите секој ден. Треба да се борите секој ден повеќе споредено со претходниот ден, само така можете да успеете во името на вашето семејство и во името на вашата татковина Македонија. Ви благодарам и нека оваа година биде година на успех, знаење и нови хоризонти! Бог да ја благослови Македонија, рече Мицкоски.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.