Премиерот

Објавил: Калина Мартинска | 18 јули, 2024 14:47

Мицкоски на средба со Лами: Соработката е неопходна за градење цврсти партнерски односи и економски напредок

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Премиерот Христијан Мицкоски денеска се сретна со државниот секретар за надворешни работи, Комонвелт и развој на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска Дејвид Лами.

– Денес на Самитот на европската политичка заедница во Лондон остварив средба и разговарав со Дејвид Лами, државен секретар за надворешни работи, Комонвелт и развој на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. Разменивме мислења за актуелните политички теми во регионот и Европа и ја потврдивме потребата од поблиска и потесна соработка на земјите од Европа на полето на безбедносните и енергетските прашања, објави Мицкоски на Фејсбук.

Заклучивме, напиша Мицкоски, дека соработката е неопходна за градење цврсти партнерски односи и економски напредок.

– Се согласивме дека регионот и Обединетото кралство имаат заеднички интерес во областа на безбедноста и градењето на стабилни регионални односи во рамките на евроатланските процеси, се вели во објавата на премиерот Мицкоски.

Мицкоски, потпретседателот на Владата Изет Меџити и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска следните денови ќе учествуваат на Самитот на европската политичка заедница.

Домаќин на самитот на Европската политичка заедница е британскиот премиер Кир Стармер, а ќе се одржува во историскиот амбиент на палатата Бленхајм во Оксфордшир, Англија.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.