Денеска

Објавил: Калина Мартинска | 12 март, 2025 18:29

Мицкоски од ГП „Маркова нога“: Треба да се поврзуваме, само така ќе бидеме во оптиката на големите држава

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Шеесет годишниот сон на преспанци, почнува да се остварува.

Од 1967 година затворениот граничен премин „Маркова Нога“ во Преспа, а кој ги поврзува Македонија и Грција, за 16 месеци повторно ќе биде ставен во функција. Со денешното поставување на камен-темелникот, беше означен стартот на градежните работи за Проектот кој ќе опфаќа изградба на административна зграда на Царинската управа на површина од 360 метри квадратни, изградба на канцеларија за Осигурителна компанија, армирано-бетонски пропусти, потпорни ѕидови, водовод и канализација, три нови улични делници, како и јавни тоалети. Вредноста на Проектот кој е дел од „Програмата ЕУ за Преспа“, а реализиран преку УНДП во партнерство со националните и локалните партнри, изнесува 14 милиони евра.

„Проект кој е од исклучително значење за нашиот регион од двете страни и Проект кој ќе го заживее овој дел од Македонија. Се надеваме на многу позитивни приказни во иднина, развој на туризмот, поголем проток на луѓе, а се разбира и локалното население да го види својот бенефит од овој Проект“, – изјави Јован Тозиевски.

„Навистина ми е мило што сум тука, затоа што изградбата на овој Граничен премин ќе ни покаже дека економскиот напредок и изградбата на овој прекуграничен премин, односно овој Граничен премин и прекуграничната соработка можат да одат рака под рака со одржливоста во животната средина“, – истакна Армен Григоријан од УНДП.

„За ЕУ далеку поважно е која е визијата на граѓаните од трите страни на Преспа и мислам дека тоа што е најважно е да се има визија која што ќе биде фокусирана од луѓето за луѓето, исто така, визија која што ќе биде фокусирана на размената на искуствата од трите страни на границата – економскиот развој, повеќе можности, економската одржливост, како и зачувување на Преспанското Езеро“, – посочи Михаил Рокас, амбасадор на ЕУ во Македонија.

На денешното поставување на камен-темелникот присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски за кого отворањето на овој Граничен премин ќе биде од огромно економско, туристичко и културно значење за двете соседни земји.

„Ова е само уште еден чекор кон поврзување на двете Преспи од едната и од другата страна на границата и мислам дека ваквите примери се позитивни и за двете држави и во таа насока треба и понатаму да се градат односите, да се поврзуваме затоа што само на тој начин можеме да бидеме во оптиката на поголемите држави“, – кажа Христијан Мицкоски, претседател на Владата.

Со оглед на фактот што отворањето на овој премин е „производ“ на Преспанскиот договор, Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање појасни дека тој не е човек кој ги менува своите ставови, но бидејќи тој бил реал-политичар кој политиката ја разбира како уметност на можното, ќе продолжи да се бори со сите можни средства за сите неправди кои и’ се случиле на Македонија во изминатите 7 години, да бидат исправени.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.