Изјава на мандатарот

Објавил: Калина Мартинска | 20 јуни, 2024 12:57

Мицкоски: Поднесовме предлог измени на Законот за енергетика по скратена постапка со кој нема да се зголеми цената на струјата на домаќинствата

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Изминатите денови во јавноста една тема ги разбранува страстите и оправдано, тоа беше цената на електричната енергија која што ќе биде практично регулирана од страна на Регулаторна комисија за енергетика на Македонија во неделите кои што следат, а која што ќе биде апликативна односно важечка од први јули заклучно со 31 декември 2024 година.

Во јавноста проструи информација дека истата ќе претрпи значителни корекции во негативен тренд за граѓаните, односно истата ќе биде зголемена. Како идна Влада не сакаме да се мешаме во работата на независните регулаторни тела. Но, исто така како идна Влада имаме одговорност, а тоа го ветивме пред граѓаните за време на кампањата за време на претседателските и парламентарните избори дека тие ќе бидат нашиот приоритет, стандардот на граѓаните ќе биде наш приоритет и како такви и како идна Влада имаме намера сериозно да се грижиме за стандардот на граѓаните, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски има амбиција да ја води најуспешната влада во последните 3 децении

Мандатарот за идна влада, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање рече дека постојат четири столба на коишто се обединува идната владина коалиција.

– Првиот и најважен е борбата против криминалот и корупцијата. Вториот е подобрување на стандардот на граѓаните, третиот е забрзување на процесот за евроинтеграции на Македонија како држава. Четвртиот е рамномерен развој и забрзување на процесот на децентрализација. Тоа се четирите столба во кои се обединува владината коалиција и планираме до нив да се држиме. За разлика од минатите 7 години планираме да бидеме исклучително успешни, поточно амбицираме да бидеме најуспешна влада во овие повеќе од три децении – рече Мицкоски, одговарајќи на прашањето кои од ветувањата на коалицијата „Вреди“ до граѓаните ги имаат прифатено за нивно вклучување во идната влада.

Тој е убеден дека коалицирањето ќе биде успешно веќе од понеделник, при што најави дека доаѓаат убави денови за Македонија и за граѓаните, буквално за сите, без разлика на која етничка или верска припадност припаѓаат.

„Нема да ги делиме граѓаните, бидејќи тие се нашата централна оска околу којашто сите ние ќе конвергираме и сѐ што е во интерес на граѓаните идната влада има намера да го води “ – рече Мицкоски.

„Вреди“ во кампањата им ветуваше на гласачите дека од Уставот ќе бидат тргнати 20 проценти од граѓаните кои говорат албански јазик, избор на Претседател на државата во Собранието, затворање на казината, помош од 10.000 евра за семејствата, но Мицкоски не откри дали и кое од овие ветувања го има прифатено.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.