Првенствено ќе се посветам на она што најмногу го засега секој еден човек, а тоа е потребата за подобар живот и изградба на заедничка иднина. Големата поддршка која ја добивме од граѓаните, значи огромна одговорност да излеземе со чист образ пред граѓаните и да кажеме како стојат работите реално, и без разубавувања, но и да направиме брзи резултати, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ денеска во Струга во црквата Св. Богородица – Калишта, каде се одржа свеченост по повод одбележувањето на празникот на Св. Кирил и Методиј.
„Следува ново поглавје, каде државата се враќа на народот, и Македонија мора да има резултати и сила за големи победи. Новото поглавје се темели на одговорност, на морал и вредности кои се обврзувачкото кредо кое мора да се почитува. За брзо од сега ќе имаме нова влада. Тоа го посакувавме од првиот ден на оваа наша напорна и голема битка. Но, формирањето на владата е лесниот чекор, затоа што крупните чекори мора да бидат резултатите кои мораме да ги испорачаме“, кажа Мицкоски.
Мицкоски укажа дека многумина се гледаат на различни позиции, функции и места, и додаде „никогаш тоа за мене не преставувало билет за добар живот, туку обврска за голема одговорност на тој кој ја дава оваа власт, а тоа е народот“.
„Бидете свесни дека секое ваше потфрлање ќе биде разочарување на народот и луѓето чии дланки ги стиснавме во нашата повеќегодишна битка за ставање на крај на ова владеење“, вели Мицкоски.
Според Мицкоски секоја стисната дланка е рака на подадена надеж, секој разменет збор ново очекување.
„Добиената поддршка мора да се заслужи и одработи. Мора да се покаже задолжителна доблест и пример во владеењето и да се покаже одговорност. Работете беспоштедно од првиот ден, решавајте што е можно повеќе проблеми и бидете промената која може и мора да се види од првиот час. Секој ќе добие шанса, секој од вас, но таа шанса е обврска која морате да ја исполните. Знајте дека ја имате мојата доверба, но и ќе ја имате мојата апсолутна жестокост без пардон доколку било кој од вас влезе во коруптивни или заткулисни игри“, заклучи Мицкоски и дополни дека мораме да се обединиме под исто знаме, по исто небо и да работиме за заедничката иднина.
Мицкоски: Да ги надминиме сите поделби, да ја победиме секоја омраза и да ги соочиме изворите на тоа зло со одговорноста
„Денес во Македонија десетици илјади деца се надвор од образовниот процес, над 80 илјади живеат во тешка сиромаштија обременети со голата борба за живот. Одбивам да говорам за образованието на ниво на зборови и флоскули, туку тоа мора да се заоснова на дела. Поразително е што многу деца, многу луѓе не само што не се вклучени во образовниот процес, туку им се одзема шансата да бидат како другите свои врсници и да ги имаат истите услови за образование. Многу од младите луѓе се приморани да работат, од мали нозе, откажувајќи се од својот сон за шанса преку образованието. Уште позагрижувачки е моралната дисторзија во општеството каде неморалното се преставува за морално, а неморалното за принцип кој треба да се следи“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ .
Тој додаде дека корупцијата ја јаде секоја слободна пора во општеството. Таа ги руши сите стандарди, создава декаденција и станува дел од една култура на владеење, каде да се даде мито, да се даде поткуп е сосема нормална и неизбежна работа. Од друга страна чесниот народ, мнозинството од народот, кој чесен, трудољубив, и кој премногу долго само сонуваше без да го оствари тој реален сон е веќе изморен од чекање.
„Го знам копнежот на секој еден вас тука, но и копнежот на илјадници други низ нашата Македонија кои велат ова е последната шанса за нашата држава. Премногу добри луѓе веќе ја напуштија државата или пак живеат живот на постојано патување од родната грутка до својата нова држава каде работат и се борат. Никогаш не смееме да ги обвиниме овие луѓе, туку вината треба да се бара безмалку во сите тие кои над 3 години велеа дека го следат сонот, но реално потфрлија за градба на слободна, просперитетна и успешна Македонија“, укажа Мицкоски.
Мицкоски посочи дека со многу поделби кои редовно се завесата зад кои се кријат поединечни и најчесто лукративни интереси. Со многу посеана омраза едни кон други и вештачки ѕидови кои се подигнати меѓу реалните луѓе на кое им се сервира тоа семе на злото.
„Тоа семе на зло, роди затруени плодови. И тоа го прават затоа што се уплашени, затоа што знаат дека ако не се власт, не се достојни за привилегии, и немаат додадена вредност во општеството. Народот премногу губеше, премногу е сериозна работата за да мислат тие кои се закануваат дека има нешто повеќе да се загуби во ситуација кога сите ние сме доведени до работ, до линијата преку која не можеме да поминеме, и која се сведува на тоа или ќе не биде, или не, како и тоа дека го немаме изборот, ниту луксузот овој пат да не успееме“, рече Мицкоски.
„Мојата цел е да ги надминиме сите поделби, да ја победиме секоја омраза и да ги соочиме изворите на тоа зло со одговорноста која мора да биде неодминлива, апсолутна и неселективна“, порача тој.
Тој укажа дека народот знае дека за сите нас постои едно исто небо под кое живееме, тагуваме и се радуваме.
„Позади мене е Охридското езеро чиј брег илјадници години обединува луѓе од различни етнички и верски припадности. Не постои лева или десна, на власта или на опозицијата, не постои нешто како лош или добар народ, постои само една, Македонија, со пристојни луѓе кои заслужуваат среќа. Постои само една наша Македонија. Со историја пред која се поклонуваме, и иднина која мораме да ја создаваме сами и за која сме подготвени да се бориме. Немаме време да трошиме за жалење над неправдите врз нас, ниту пак за промашените шанси на тие пред нас. Ние самите мораме да ги создадеме наредните шанси и да ги издвојуваме заедничките победи“, истакна Мицкоски.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.