Се прошири позитивна листа на лекови по пауза од повеќе од десет години

Објавил: Калина Мартинска | 11 септември, 2024 11:57

Мицкоски: Целта на Владата е подобрување на здравствената заштита на секој граѓанин

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

„Ми претставува особена чест и задоволство да ве поздравам на денешниот политички дијалог, кој е од особена важност затоа што допира една значајна тема, што го засега секој од нас: обезбедување пристап до основните лекови за сите наши граѓани. Овој собир ја одразува непоколебливата заложба на Владата за заштита на здравјето и благосостојбата на секој граѓанин, заложба што лежи во сржта на нашата мисија“, рече премиерот Христијан Мицкоски.

„Пристапот до безбедни, ефективни, висококвалитетни и достапни лекови не е само приоритет на здравствената заштита – тоа е основно право што силно влијае на нашата колективна благосостојба и на нашите заложби да го подобриме квалитетот на животот на секој поединец.

Оваа Влада постигна значајна пресвртница со проширувањето на позитивната листа на лекови по пауза од повеќе десет години. Ова е доказ за нашата посветеност и поактивен пристап и желба за континуитет во справувањето со еден од најитните предизвици во нашиот здравствен систем.

Сепак, иако овој преземен чекор означува напредок, нашите заложби не завршуваат тука. Предизвиците со кои се соочуваме бараат континуирана работа, секојдневна посветеност и решителност.

Приоритет е да се обезбеди секој граѓанин да има пристап до лековите што му се потребни, без да се соочи со финансиски тешкотии. Наша должност е да ги заштитиме граѓаните и да му служиме на нашиот народ.

За да ги надминеме постојните предизвици и да ја постигнеме посакуваната мисија, мораме неуморно да работиме. Мораме да ја зајакнеме соработката на сите институции од Владата и да ги вклучиме сите релевантни партнери. Негуваме подлабока соработка помеѓу Министерството за здравство, Министерството за финансии, Министерството за дигитализација, Фондот за здравствено осигурување, Агенцијата за лекови и медицински помагала, Дирекцијата за е-здравство и другите клучни фактори.

Овој заеднички пристап ќе ни овозможи поефикасно да се справиме со постојните предизвици и да спроведеме одржливи решенија. Нашата заедничка цел е да изградиме здравствен систем, кој вистински ја одразува нашата посветеност за подобрување на здравјето и благосостојбата на секој граѓанин.

Работејќи заедно со посветеност, решителност и јасност, можеме да ги надминеме предизвиците пред нас и да создадеме иднина во која пристапот до основните лекови не е само стремеж, туку реалност за сите.

Изразувам лична благодарност до сите национални институции и поединци за посветеноста и соработката во овој витален потфат, како и до Светската здравствена организација за континуираната поддршка во развојот на здравствениот систем на нашата земја.

Заедно го кроиме патот кон поздрава иднина за секој наш граѓанин. Државата да создава за секој граѓанин“, изјави Христијан Мицкоски.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.