Егзодусот на белите мантили продолжува надлежните немаат решение

Објавил: Узунов Бобан | 23 февруари, 2019 9:30

Младите лекари се иселуваат од државата затоа што се вработуваат најслабите кандидати

Фото/Текст извор: ©независен.мк /магазин

Итна промена на Закон за здравствена заштита бараат од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари за да се спречи, како што велат, дискриминацијата при вработувањата во јавните здравствени установи. Забележуваат дека често се вработуваат, односно фаворизираат кандидати, лекари и специјализанти кои биле подолу на ранг-листите за вработување, а прворангираните да не се примени.

Има, вели претседателот на Асоцијацијата Ненад Лазаров, десетина конкурси за вработување млади специјализанти и лекари во болниците кои се во тек и, за да не влезат повторно на работа кандидатите што имаат помалку освоени бодови на стручниот испит кој се полага при секој јавен оглас, инсистираат вработувањата да се регулираат во законот. Вчера претставници од Здружението на лекари специјализанти, Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари и Клубот на млади лекари имаа средба со Министерот за здравство Венко Филипче на која ја отвориле оваа за нив болна тема. Се договориле за тоа прашање да дискутираат следната недела, кога ќе седнат и ќе ја разгледуваат нацрт-верзијата на предлог-законот.

Се предвидува да има промени. Дали ќе биде укината комисијата која има дискреционо право да врши избор на кандидатите при вработување или дискреционото право ќе остане, но ќе се лимитира, да има еден бодовен удел што комисијата ќе може да го даде, тоа допрва ќе се разгледува, па ќе се донесе конечна одука.
„Во крајна линија, нека се укинат конкурсите. Има негативна селекција, не го земаат на работа најдобриот, туку земаат некој кој нив им одговара. Предлог-законот за здравствена заштита е во подготовка, ќе бидат вклучени и лекарските здруженија, но додека стапи на сила ќе излегуваат конкурси и на работа ќе влегуваат еден куп нови кадри кои имаат помалку поени и се последни на листите, а не првиот, вториот или третиот рангиран. 


И покрај тоа што постои дискреционо право на комисиите во болниците да донесат финална одлука во однос на вработувањата, како Асоцијација апелираме до нив да ги земаат предвид ранг-листите и, ако тоа го прават, ќе нема потреба од законска промена. Потребно е да бидат морално и етички расположени да ги гледаат ранг-листите. Потенцирам дека за нас не е прифатливо 36. да биде примен, а не третиот“, вели Лазаров.


Министерот за здравство Венко Филипче вели дека подготвен е предлог-законот за здравствена заштита и следната недела ќе им го дадат на увид на лекарските здруженија, со кои ќе се координираат за да нема наметнати решенија. 

Сакаме да го смениме системот на евалуација и проверка на знаењата на кандидатите за вработување во јавните здравствени установи, а со цел да ги задржиме најдобрите. Новините ќе ги вметнеме или во правилник или во закон. Затоа ќе се консултираме и со странски експерти кои ќе имаат презентација за оваа проблематика за две недели. Нацрт-верзијата на законот потоа треба да помине на Влада и очекувам за околу три недели да биде пуштен во Собрание“, рече Филипче.

Лазаров додаде дека на средбата со министерот останале отворени прашањата поврзани со неисплатените придонеси за здравствено и пензиско осигурување на приватните специјализанти и како ќе се вработуваат колегите по шестмесечна работа во здравствените пунктови. На средбата се разговарало и за исплаќањето на дежурствата на специјализантите, за нивниот вложен труд, како и кофинансираните специјализанти да бидат трансформирани во државни со полни права, а таа категорија веќе да не постои.

„Младите лекари се нашиот фокус и правиме сè за подобрување на нивниот статус, квалитетот на едукацијата и условите во кои работат. Во текот на септември ќе биде објавен нов конкурс за приватни специјализанти. Министерството за здравство ќе се труди да обезбеди финансиски средства за исплата на дежурствата на сите специјализанти, како и на придонесите, а ќе продолжат разговарате со претставници на здруженијата да бидат инкорпорирани во наставно-научниот совет на Медицински факултет, со цел заедничка соработка во подобрување на условите за специјализацијата и целокупната едукација“, рекоа од Министерството.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.