Несреќа

Објавил: Калина Мартинска | 22 јуни, 2024 8:59

МНР: Во Грција загина 29-годишна девојка, две се тешко повредени

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Македонската државјанка која вчера загина во сообраќајна несреќа на автопатот Егнатиа во правец кон Солун имала 29 години, информираат од Министерството за надворешни работи.

„На автопатот Егнатиа, во Република Грција, се случила тешка сообраќајна несреќа, во која за жал, М.Н. (29), државјанка на Република Северна Македонија го изгуби животот“, информираа од МНР.

Претставниците на Генералниот конзулат на Македонија во Солун, кои од времето на настанатата трагедија биле во контакт со блиски на жртвата, остануваат на располагање за асистенција во врска со преносот на останките на починатата во земјата и на повредените македонски граѓанки.

„Воедно, информираме дека засегнати се и три наши државјанки, сопатници на починатата, А.К (2000) и М.Р. (2000), кои добиле тешки повреди и И.Ј (1999) која не е повредена, при што две се хоспитализирани“, се наведува во соопштението од МНР.

Во несреќата со полесни повреди се здобил и 74-годишен маж, кој бил возач на другиот автомобил. На местото на несреќата една жена била интубирана од екипите на итната помош, а поради тешката состојба во која се наоѓала, веднаш била префрлена во болницата во Солун.

За спасувањето на девојките била потребна интервенција на Противпожарната служба, чии припадници со машина за сечење ги пресекле вратите на возилото и ги извлекле.

Сообраќајот на овој дел од патот бил во прекин сѐ додека повредените со возило на Брза помош не биле пренесени во болница, а возилата биле преместени покрај патот. Сообраќајната полиција на Верија ги истражува причините за несреќата.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.