Славјанка Петровска обвинува

Објавил: Калина Мартинска | 14 јули, 2024 16:00

МНР: Јован Мицкоски, синот на премиерот, не беше дел од делегацијата за самитот на НАТО која имаше 21 член

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Петровска: Мицкоски си го зел синот во делегацијата во САД, првото владино патување го претвори во семејно

Пратеничката Славјанка Петровска и поранешна министерка за одбрана од СДСМ го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека на првото, официјално, владино патување во САД на самотот на НАТО со себе си го зел синот. Таа на социјалните мрежи објави фотографии од средба на премиерот Мицкоски и министерот за одбрана Тимчо Муцунски со Едвард Џозеф, американски експерт за надворешна политика, на која до премиерот стои неговиот син.

ВМРО-ДПМНЕ: Патувањето на синот на Мицкоски не ја чини ништо државата, тој не е дел од делегација, СДС падна ниско штом меша деца

СДС се спушти на многу ниски гранки чим си дозволи брутално да ги меша децата и најблиското семејство на премиерот Христијан Мицкоски, преку соопштение реагира ВМРО-ДПМНЕ.
„Не е малку што со години е предмет на најцрната кампања од СДС, за да сега Петровска која доживеа изборен дебакл го вмешува синот на Мицкоски. Тоа значи дека го пробија дното“, стои во соопштението.

Од ВМРО – ДПМНЕ објаснуваат дека синот на Мицкоски не е дел од официјалната делегација во НАТО самитот.

„Иако претседателот Мицкоски има право на придружен член на делегација, патувањето на неговиот син државата не ја чини ништо, односно сите трошоци се подмирени приватно од семејството на Мицокски. За разлика од времето кога премиерот на СДС Ковачевски ги донесе децата како членови на официјална делегација. Ако делегацијата сакала да сокрие нешто сигурно немаше да има фотографии од истата. Напротив се е транспарентно“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

На патувањето од ВМРО – ДПМНЕ наведуваат дека премиерот Мицкоски имал повеќе 20 средби со лидери на држави членки на НАТО, имал средба со врвот на НАТО, достоинствено ги претставил македонските интереси, и донел 2 крупни инвестициски одлуки.

По партијата ВМРО-ДПМНЕ, попладнево и Министерството за надворешни работи, преку соопштение извести дека синот на премиерот не бил дел од македонската делегација на самитот на НАТО во Вашингтон, САД.

„Делегацијата на самитот на НАТО беше точно определена од страна на Алијансата и таа броеше вкупно 21 член, согласно протоколите на НАТО. Притоа, потенцираме дека Јован Мицкоски, синот на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, не беше еден од членовите на делегацијата, иако претседателот Мицкоски имаше покана за придружба од член на семејството. Истовремено информираме дека за патувањето на Јован Мицкоски не се потрошени средства од Буџетот на Македонија“, стои во соопштението од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.