
Живот
Интервју
Македонија треба или да го стопира пристапувањето кон Европската унија или да оформи единствен државен став во преговорите со Бугарија. Според политичкиот аналитичар Сашо Клековски ова се двете опции кои на државата и стојат на располагање со оглед дека разговорите со Софија се асиметрични, а Бугарија ја користи позицијата на моќ со правото на вето за старт на преговорите.
Клековски вели дека власта и опозцијата во земјава треба да го следат примерот на политичките сили во Бугарија кои и покрај различните ставови по однос на сите прашања, имаат единствен став кога се работи за државните интереси.
ВМРО-ДПМНЕ пак втор ден по ред бара поддршка од власта за донесување на единствен национален став за заштита на државните интереси преку Собранието. Ако власта навистина не преговара за националниот идентитет и јазик, тогаш сметаат дека нема ништо спорно да се исцртаат црвените линии во преговорите со Софија.
По логиката на Заев, Бугарија смее и треба да има своја државна резолуција за Македонија, а Македонија не смее и не треба да има државна резолуција за нашата Македонија. Собранието е највисок државен орган кој единствено го има правото да ги утврди насоките во надворешната политика. Бегањето од јавноста во утврдување на националните и државни позиции и бегањето од Собранието, јасно зборува за спремноста на Зоран Заев да нуди, да тргува и да отстапува токму за она што го бара Бугарија. Секојдневни станаа изјавите, барањата и позициите на Бугарија кои навлегуваат во континуитетот, засебноста и сувереноста на македонскиот етнички и јазичен идентитет. Резолуцијата која ја нудиме е одговор на блокадата, одговор на негирањата и одговор на лошите политики кон Македонија, вели Владо Мисајловски од ВМРО-ДПМНЕ.
Во реакцијата СДСМ ниту денеска не одговара дали за нив е прифатливо носењето на една ваква резолуција.
Цела Европа, целиот свет знае кои се нашите идентитески позиции но очигледно само Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не се сигурни во тоа. Очигледно е дека се што прави Христијан Мицкоски е против државните и национални интереси и во состојба е да измисли се само за да ги блокира тековните мерки и политики што носат придобивки за граѓаните и државата. Затоа е таму каде што е, сам и изолиран во опозиција, се вели во писмената реакција на владејачката партија.
Но дали мнозинството со Собранието ќе ја поддржи оваа иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде познато во текот на следната недела откако ќе се најде пред пратениците.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.