По реформите на Царовска

Објавил: Калина Мартинска | 9 јули, 2024 14:29

МОН ги враќа Историја, Географија, Биологија, Хемија и Физика, ама учениците од септември пак ќе учат по старите програми

Фото/Текст извор: ©mkd.mk

Министерството за образование и наука (МОН) и Бирото за развој на образованието (БРО) ќе го менуваат начинот на кој се учат одделни предмети во основното образование и затоа од денеска започнуваат јавна консултација за наставните програми за седмо, осмо и деветто одделение. Ваквата одлука на МОН доаѓа откако Владата на седница во петокот донесе заклучок за враќање на предметите Историја, Географија, Граѓанско образование, Биологија, Хемија и Физика, а не како што е сега да бидат споени во Историја и општество и Природни науки иако ресорната министерка Весна Јаневска претходно изјави дека Концепцијата ќе биде измената ако претходно такво мислење дадат наставниците и другите засегнати чинители во воспитно-образовниот процес. Во меѓувреме МОН го запре издавањето на учебници за основно образование.

Од МОН велат дека целта на измените на наставните програми за учениците од седмо, осмо и деветто одделение е оние програми кои се веќе изработени да се унапредат, а новите кои треба да се подготват, да ги содржат сугестиите, особено на наставниците практичари, чие мислење, како што нагласуваат е најважно во процесот на обликување на воспитно – образовниот систем.

И покрај измените основците од септември ќе учат од старите учебници

„Новата Влада ја одложи имплементацијата на Концепцијата за основно образование во седмо, осмо и деветто одделение, поради бројните реакции во јавноста дека интегрирањето на предмети ја отежнува реализацијата на наставата, но и на оценувањето, создавајќи конфузност и кај наставниците и кај учениците. Незадоволството од нискиот квалитет на воспитно – образовниот процес иницира промени, кои неопходно е да бидат креирани преку поширок консензус“, пишува во соопштението од МОН.

Сепак основците од септември пак ќе учат од старите учебници.

„Надградените, односно новите наставни програми ќе се воведуваат етапно, во 2025 година во седмо, 2026 година во осмо и во 2027 година во деветто одделение“, велат од МОН.

Од министерството ги повикуваат сите заинтересирани да дадат свои сугестии, а особено проактивност очекуваат од наставниот кадар. Сугестиите и предлозите треба да се достават најдоцна до 31 август преку електронските адреси nastavniprogrami7@mon.gov.mk , nastavniprogrami8@mon.gov.mk и nastavniprogrami9@mon.gov.mk.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска од преземањето на функцијата најавува дека учебници за основците ќе има но сепак, во средата на 3 јули изјави дека „иако било кажано дека учебници на 1 септември ќе има и за седмо одделение, фактичката состојба е сосема различна“.

„Волшебно стапче да имаме, ние до септември како Влада не можеме да стигнеме да обезбедиме учебници за седмо одделение. Ниту еден учебник за седмо одделение не е даден во печат. Не само што не се дадени во печат, огромен број од нив не се одобрени. Некои не се ни напишани, значи не е креиран учебникот. Некои не поминале рецензија“, изјави Јаневска пред отворањето на конференција за инклузивно образование организирана од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Два дена подоцна МОН пресече и одлучи дека седмоодделенците оваа учебна година ќе учат од старите учебници, а за новите теми што се вметнати во наставните програми ќе има додатни материјали.

МОН го запре издавањето на учебници за основно образование

Измените во начинот на кој ќе се учи во седмо, осмо и деветто одделение е причината зошто МОН денеска го запре конкурсот за издавање учебници во деветгодишното основно образование, објавен на 9 април 2024 година. Оттаму наведуваат дека оваа одлука е согласно заклучокот од седницата на Владата одржана во петокот на 5 јули, а како причина се наведени измените и дополнувањата на Концепцијата за основно образование.

Како што наведува МОН во објавата за запирањето на конкурсот, измените на Концепцијата се во насока на соодветно изучување на научните дисциплини Историја, Географија, Биологија, Хемија и Физика како посебни наставни предмети, а кои сега се изучуваат интегрирано во наставните предмети Историја и општество и Природни науки, од шесто до деветто одделение.

„Истото е со цел учениците потребните знаења, вештини и ставови од овие наставни предмети да ги стекнуваат согласно националните стандарди на крајот од основното образование, како и да се обезбеди меѓународна споредливост на постигањата на учениците на определена возраст во основното образование“, наведува МОН.

Во објавата за запирање на Конкурсот кој е објавен пред три месеци, МОН го известува авторот односно авторите на учебниците кои доставиле ракопис во архивата на Педагошката служба, заклучно со 8 јули 2024 година, дека истиот може да си го земат најдоцна 15 дена од објавата на ова соопштение.

Во врска со ова, министерката за образование и наука Весна Јаневска во петокот на прес-конференција го соопшти заклучокот на Владата за одложување на имплементацијата на дел од Концепцијата што се однесува на седмо, осмо и деветто одделение во однос на наставните планови и програми, како што рече, „без да бидат засегнати изборните предмети за кои сметаме дека се добро решение во идниот процес на образование кај младите“.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.