Со одлуката за продолжување на штрајкот СОНК повторно ги става личните интереси пред интересите на децата и учениците.
Затворените градинки и училишта не носат ништо добро за учениците и децата, ниту за родителите кои не можат да ги згрижат своите деца во градинките, стои во соопштението на Министерството за труд и социјална политика по денешната одлука на Советот на СОНК да не ги прифати заклучоците од вчерашната седница на Владата, и да продолжи штрајкот се додека не се договори со МОН и МТСП и не биде потпишана спогодба со која ќе бидат опфатени сите спорни прашања.
– Ги повикуваме СОНК уште еднаш да си ја преиспитаат одлуката и да го почитуваат правото на децата за пристап до образование, како и непречено одвивање на дејноста згрижување и воспитување на децата.
Владата, Министерството за труд и социјална политика и Министерството за образование и наука покажаа отвореност и подготвеност за решавање на ова прашање, преку конкретни предлози кои истовремено значат трајно и системско решавање на усогласувањето на платите во образованието и предучилишното воспитание и процент на зголемување на платите со ребаланс на буџетот, земајќи ја превид светската економска и енергетска криза. За разлика од СОНК кои не оставија простор за дијалог, напротив покажаа дека немаат слух за состојбата со кризата која е на глобално ниво, а од која не сме поштедени ниту ние како држава, се наведува во соопштението од Министерството за труд и социјална политика.
Воедно, Министерството во врска со денешната прес конференција на СОНК, ја информира јавноста дека одлуката за организирање на генерален штрајк од страна на СОНК е донесена заради усогласување на Колективниот договор за јавните установи за деца во дејноста згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст и во дејноста одмор и рекреација на деца, со порастот на минималната плата, согласно член 8 од Закон за минимална плата. При тоа наведуваат дека во член 8 од Закон за минимална плата е уредено дека, колективните договори се усогласуваат во рок од шест месеци. Тоа што одлуката за организирање на штрајк е донесена пред истекот на рокот, значи дека не станува збор за прекршување на работнички права, туку за барање за унапредување на права од работен однос, посочуваат од МТСП.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.