Обраќање

Објавил: Калина Мартинска | 9 септември, 2024 16:51

Муцунски говореше пред Унгарската дипломатска академија

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Во рамките на работната посета на Будимпешта, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се обрати пред студентите и дипломатите од Унгарската дипломатска академија.

Во своето обраќање Муцунски се осврна на долготрајниот и посветен процес за пристапување на нашата држава кон ЕУ. Тој посебно ја истакна непрекинатата повеќедецениска посветеност кон процесот, но и бројните и големи отстапки кои македонското општество ги има направено на тој пат.

Свесни за областите во кои постои потреба од дополнителна работа и подобрување на состојбите, министерот Муцунски потенцираше дека и на нашата страна и е крајно потребна предвидливост во процесот.

„Нашиот пристапен пат во суштина ја штити политиката на проширување на ЕУ, заснована на вредности и заслуги, со оглед дека ризикот од злоупотреба на нашиот случај од страна на анти-ЕУ факторите е голем“, нагласи тој на темата поврзана со евроинтеграциите на земјата.

Министерот Муцунски ја подвлече и суштинската важност на добрите билатерални односи помеѓу двете земји, кои оваа година одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатски односи и се заблагодари за досегашната поддршка на политички, економски и мултилатерален план.

„Иако односите се континуирано пријателски, во следниот период очекувам нова динамика како резултат на заложбата на двата премиери за воспоставување стратешка релација помеѓу двете земји“, истакна тој во обраќањето.

Министерот Муцунски им посака успех во кариерите на присутните дипломати, со оглед на тежината на професијата која ја имаат.

По обраќањето следеше сесија на прашања и одговори во чии рамки се говореше на теми како нелегалната миграција и безбедноста на границите, регионалната енергетска безбедност, очекувањата за идните чекори и ризици во придвижувањето кон ЕУ, како и размена на мислења за актуелните состојби во Унијата.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.