Одлука на Уставен

Објавил: Калина Мартинска | 8 октомври, 2024 23:55

Му се гледа ли крајот на балансерот?

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Уставните судии на денешната седница треба да донесат решение за алатката за вработување – балансер.

Вкупно девет судии во судот ќе треба да се произнесат иако ставовите начелно се веќе познати од претходниот пат, 18 септември кога се изгласа суспензија на балансерот.

Дебатата тогаш меѓу уставните судии беше тензична, бидејќи тројца од нив: Осман Кадриу, Фатмир Скендер и Насер Ајдари се против оспорувањето на етничките вработувања, со образложение дека тоа би можело да предизвика меѓуетнички тензии.

Случајот за инструментот, е формиран по иницијативата на поранешната претседателка на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, во јануари годинава. Според Антикорупциска, законските одредби врз основа на кои работи Балансерот предизвикале пренатрупаност на институциите и администрацијата. На слична линија е и ВМРО-ДПМНЕ од каде што велат дека етничката припадност повеќе нема да биде критериум за вработување. Според оваа партија при вработувањето прво ќе се почитуваат личните квалитети, професионалноста и компетентноста.

Од партијата на Али Ахмети признаваат  дека протестите се опција која е ставена на маса, ама уште тлее надежта дека уставните судии нема да се решат да ги укинат вработувањата по етнички клуч.

„Балансерот е алатката која што ни овозможи ние како Албанци да се чуствуваме дел од институциите и дел од државата. Затоа јас сакам да бидам оптимист и очекувам Уставниот суд да не го укине или поништи балансерот како алатка за вработување. Доколку тоа се случи нормално ние ќе треба да се браниме или да реагираме на една таква одлука која секако ќе биде неправедна. Дали сте имале разговори како би делувале? Имаме одредена рамка како би делувале но прво да ја сочекаме одлуката на Уставниот суд? Дали протести се опција? Остануваат дел од опциите“ вели за Алфа Арта Биљали Зендели од ДУИ.

Универзитетски професори уште при 20-тина дена кога Уставниот ги стопираше вработувањата по национална припадност ја поздравија одлуката за преиспитување на уставноста на балансерот. Според професорот Јовевски, сега треба да покажеме дека сме зрело општество каде постои кохезија помеѓу различните етнички групи бидејќи дискриминацијата е надмината.

„Без разлика каков став ќе заземе Уставниот суд, практично алатката изгуби на значење. Тука е главната поента. Дали Уставниот суд смета дека таа е уставна или не, самата алатка има веќе изгубено смисла. Се исполни целта и смислата и заврши времето. Кога вакви афирмативни алатки за дискриминација се користат, тие секогаш се од времен карактер, додека ја постигнат целта, после се оди на ставот дека општеството е зрело, без да има потреба од законски интервенции за афирмација на нееднаквоста, бидејќи кохезијата се негува и постои во општеството“, додава професор Јовевски.

Вработувањата по етнички клуч се плод на Охридскиот рамковен договор, и беа  спорни за мнозинството уставни судии.

 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести