
Македонија
Вести
Голем бод за македонската ракометна репрезентација против фаворитот Унгарија во Вараждин, но по конечните 27:27 со носителот во групата Д на 29. Светско првенство за ракометари токму Македонија има за што да жали бидејќи на 35 секунди до крајот имаше водство и напад за победа против осмата селекција од последниот мундијал.
По тајмаутот што го побара селекторот Кирил Лазаров неговите избраници 15 секунди до крајот ја изгубија топката, а Унгарците од полуконтранапад тоа го казнија и се спасија од сензационален пораз.
„Треба да бидеме задоволни, иако пропуштивме победа. Нè чинеше неискуството, по тајмаутот не знаевме да влеземе во фаул, со што ќе ја привршевме средбата. Ова е петта репрезентација од последното ЕП, беше блиску до медал, па горд сум на момчињата и на цела Македонија, на ‘фалангата’, која ни даде страшна енергија. Ако се бориме како денес, ако имаме ваква енергија, можеме многу понатаму, иако треба да стоиме цврсто на земја. Холандија игра брзо и ќе мора многу да вложиме за успех против нив“, изјави Лазаров по мечот.
„Игравме со одлична Унгарија, тактички подготвена, со искусни играчи. Добро ги анализиравме. Ни недостигаше малку среќа, но одиме понатаму. Благодарност за публиката, 60 минути ни беше ветер во грбот“, додаде капитенот Филип Кузмановски, чии 10 гола му го донесоа признанието за игра на натпреварот.
„Малку недостигаше да извојуваме победа. Главата горе. Одличен резултат. Покажавме дека вредиме многу. Мотивација за уште еден квалитетен натпревар со Холандија и да се израдуваме, зошто да не“, оптимист е десното крило Ненад Костески пред следниот предизвик в петок од 18 ч.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.