Тендер тежок речиси 800 илјади евра

Објавил: Калина Мартинска | 25 март, 2025 16:42

Наплаќале иако не биле на обезбедување на патарините- истрага за злоупотреба за Ејуп Рустеми и Џемал Билбилоски за малверзации

Фото/Текст извор: ©telma.mk

Наместо да бидат постојано и да ги обезбедуваат наплатните рампи цел ден како што било предвидено, обезбедувачите доаѓале само отсабајле во прва смена, а агенцијата наплаќала целосно.

Поради тоа првоосомничен е Џемал Билбилоски, сопственикот на агенцијата за обезбедување 2СС од Кичево која добила двегодишен тендер, а меѓу опфатените со истрага е и Ејуп Рустеми кој како поранешен директор на ЈП Државни патишта, не го контролирал извршувањето на обврските од договорот.

Договорот е потпишан во август 2022-ра на сума од околу 47 милиони денари односно околу 760 илјади евра- но не биле вршени сите обврски, поради што сопственикот Билбилоски е прв на листата осомничени.

-Иако согласно потпишаниот договорот бил должен, не се придржувал кон обврската и за целиот период од договорот вршел само делумно физичко обезбедување, најчесто само во прва смена,  а  на договорниот орган фактурирал услуги како да било вршено 24/7 физичко обезбедување  за целиот период на договорот се до неговото раскинување, соопштија од обвинителството и МВР.

Оосмничена е и фирмата, а покрај Рустеми и Билбилоски- осомничени се уште тројца раководители во Државни патишта затоа што нанеле штета од големи размери на Јавното претпријатие.

Државните службеници се осомничени за злоупотреба на службената положба и фалисфикување на исправи со кои биле реализирани наплатите, поради што истрагата е соочена со кратки рокови откако по измените на кривичниот законик- казните за функционерите со злоупотреба се намалија и ги скратија истрагите.

Компанијата 2СС беше ангажирана како  обезбедувањето во М-НАВ кога преклани се случи пресметка во кулата на летање.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести