Собирот од мирен, за кусо време се претвори во четириесетминутна канонада од камења, откорнати плочки, шишиња, патокази, корпи за отпадоци врз зградата на Македонското собрание и кон полицискиот кордон!
Четириесет и седум повредени полицајци, од кои десетина потешко и 11 приведени демонстранти е епилогот од вчерашниот протест пред Собранието против францускиот предлог за надминување на спорот со Бугарија и почеток на преговорите со ЕУ. Собирот од мирен, за кусо време се претвори во четириесетминутна канонада од камења, откорнати плочки, шишиња, патокази, корпи за отпадоци врз зградата на Македонското собрание и кон полицискиот кордон.
Протестот почна пред Владата нешто после 19 часот, по што насобраните демонстранти се упатија кон зградата на Министерството за надворешни работи. Таму следеа фрлања со јајца, како и скандирања со кои се бараше оставка од министерот Бујар Османи.
Толпата од повеќе илјади демонстранти потоа се упати кон Македонското собрание. Протестот во првите дваесетина минути до половина час, се одвиваше мирно, при што на насобраните, меѓу другите им се обратија и пејачката Ребека, како и актерката Весна Петрушевска.
Сепак, во текот на обраќањето на Петрушевска, од толпата се издвои група од 30-40 млади лица кои почнаа да фрлаат петарди кон малиот полициски кордон пред Собранието. Набргу се нафрлија на оградата која за кратко време беше урната, по што следеше канонада од камења, откорнати плочки од тротоарите, но и запаливи предмети кон зградата на Собранието и делумно кон полицискиот кордон.
Полицијата презеде акција за расчистување на ситуацијата после 40-минутното демолирање на Собранието. Дел од агресивните демонстранти беа за кусо време разбиени, а во целата мешаница имаше и приведувања.
Со реакција околу инцидентите кои се случија на денешниот протест се огласи владејачката СДСМ која вината ја лоцираше кај партиите ВМРО – ДПМНЕ и Левица.
„Вечерва граѓаните беа сведоци на нови инциденти и насилство на протестите организирани од ВМРО-ДПМНЕ и проруската инсталација Русија пред Собранието. Повторно бевме сведоци како насилници со качулки ги нападнаа полицајците, фрлаа запаливи течности, ги каменуваа припадниците на македонската полиција и се обидоа насила да влезат во Собранието. Вакви слични сцени гледавме на црниот 27 ми април и знаеме што тоа значи. СДСМ најостро го осудува насилството, овој насилен начин на делување на ВМРО-ДПМНЕ и проруската Левица го покажува нивното вистинско деструктивно и насилно лице“, стои во партиското соопштение.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, Христијан Мицкоски, доцна вечерва после протестот објави фотографија на неговиот официјален профил на „Фејсбук“, а на која, под наслов „За Македонцките работи“ се прикажани насобрани демонстранти и негови сопартијци пред зградата на Владата.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.