Биле правени бројни злоупотреби

Објавил: Калина Мартинска | 8 ноември, 2024 15:28

„Најиновативни“ биле фирмите од Струмица и Тетово, дел од нив поврзани со Заев и Ахмети

Фото/Текст извор: ©mkd.mk

Во Фондот за иновации и технолошки развој во моментов актуелни се 18 случаи за кои било утврдено дека не ги исполниле преземените обврски по потпишувањето на договорот со Фондот и земените пари. Тоа значи дека парите биле потрошени, а посочените компании не си ги исполниле обврските. За овие компании веќе се заинтересира и финансиската полиција, а на пошироката листа се вкупно 60 компании кои во последните седум години не постапиле по наодите од извршената ревизија.

Или, како што неодамна објави новиот директор на ФИТР, Никола Додов, се работи за вкупно 3,5 милиони евра дадени пари, без извештаи за тоа што било сторено со тие пари. Она што е најинтересно е дека најголемиот број на вакви „иновации“ се од компании регистрирани во Струмица и Тетово, градовите од каде потекнува поранешниот лидер на СДСМ Зоран Заев и актуелниот лидер на ДУИ Али Ахмети.  Двете партии беа дел од власта во изминативе седум години.

Сомневањата за тоа како се делеле парите од Фондот за иновации и технолошки развој се бројни. За првпат директор на ФИТР го отвори ова прашање за можни злоупотреби при распределбата на овие државни средства.

Според правилата на ФИТР, секоја компанија која по добиените пари од Фондот остварува добивка, 7,5 отсто од оперативниот профит треба да се вратат во Фондот. Според информации од ФИТР за овие 11 години работа на Фондот, процентот на  вратени пари е еден отсто!

Од оние 18 компании за кои веќе е почната некаква постапка, најчестата причина за поведување на контролата е несоодветното менаџирање со парите, незавршени планирани активности, непочитување на договорни обврски, некоректно трошење на парите, трошење на парите без покритие… На листата се фирми на роднини на премиерот Зоран Заев, фирма (Пиксел) во која премиерот Димитар Ковачевски е косопственик, затворени фирми, компании во стечај…

Тука се и фирмите на Дрин Ахмети, внук на Али Ахмети, Тор индустрис и Еверест кои не го извршиле проектот, не поднесувале извештај и префрлале пари на иста фирма во Косово.

Според правниците за ваквите нерегуларности би требало да следуваат кривични пријави за измама и за злоупотреба на службената должност, објави мкд.мк. 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.