
Македонија
Вести
Премиерот Мицкоски со серија средби со претставници од најблиското опкружување на Доналд Трамп пред денешната инаугурација на новоизбраниот американски претседател.
Премиерот на свеченоста во Вашингтон го придружуваат шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски, вицепремиерот Изет Меџити и заменик министерката за европски прашања Викторија Трајков.
Според поранешниот министер за надворешни работи и актуелен пратеник Антонијо Милошоски ова е првпат премиер на Македонија да присуствува на инаугурација на претседател на САД, што според него претставува исклучително добра вест за нашата држава и успех за македонската дипломатија за продлабочување на партнерството и врските со САД.
Во пресрет на централниот настан, Мицкоски на социјалните мрежи објави дека синоќа во Вашингтон се сретнал и вечерал со истакнати луѓе во американското општество, некои дел од новиот кабинет на Трамп. На средбите, како што напиша, разговарал за можноста за инвестиции во Македонија и лобирал за македонските национални интереси.
Меѓу нив се и Девин Нунес, претседавач со советодавното тело за разузнавање на претседателот Доналд Трамп и извршен директор на Трамп медиумската корпорација, Џон Битов – американски бизнисмен со македонско потекло, кој е сопственик на повеќе мултимилионски компани и основач на кошаркарскиот НБА клуб Торонто Репторс, како и со Марко Галина – бизнисмен и одговорен за МАГА во Португалија.
Претходно Мицкоски имаше работна средба и со бизнисменот со македонско потекло, Крис Павловски, сопственик на Рамбл групацијата.
Мицкоски, како што самиот напиша, во Вашингтон го запознал и познатиот американски новинар, Такер Карлсон, познат по своите десни конзервативни ставови, кого го поканил да ја посети Македонија.
Иако од Вреди пред два дена се пофалија дека и нивните лидери, меѓу кои и собранискиот спикер Гаши, министерот Таравари и лидерот на Алтернатива Ибраими, исто така ќе присуствуваат на инаугурацијата на Трамп, досега никој од нив не соопшти детали за посетата, ниту објавија фотографии од нивниот престој.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.