
Македонија
Здравство
Од Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски” информираат дека во изминатиот период, од март до крајот на јули се извршени над 50 илјади прегледи и повеќе од 850 операции, пишува Канал 5!
Директорот на Клиниката по хируршки болести „Св. Наум Охридски”, д-р Љубен Арсенков, потенцира дека сите пациенти се примени и ниту еден пациент не бил вратен или упатен во друга здравствена установа поради немање соодветен упат од матичен лекар или специјалист од секундарното здравство.
„Направена е реорганизација на работата во поликлиниката за да се намали ризикот од трансмисија на вирусот меѓу персоналот и пациентите. По првичното работење со две ургентни амбуланти, воведено на 23 март, веќе од 18 мај се отворени сите специјалистички амбуланти, кои секојдневно функционираат и покрај тоа што нема закажани термини преку националниот систем МојТермин. Болницата функционира со кадар од 70 доктори, 85 сестри, 36 болничари, 10 лаборанти и 18 рендген техничари. Од вкупниот кадар во установата, 7.5% се ослободени во континуитет по одлука на влада (бременост, хронични болести и друго). Иако се наоѓаме во фаза на реконструкција, беше организиран и изолаторен дел, каде се хоспитализираат пациентите како итни случаи, и им се врши тестирање за инфекција со коронавирусот. Доколку состојбата на пациентот тоа го дозволува, во рок од 24 часа го имаме резултатот, по што се продолжува со третманот”, вели д-р Арсенков. Тој појаснува дека од почеток на јули е спроведен скрининг на вработените за присуство на антитела од COVID-19 и само четири вработени имале позитивен резултат за претходно прележана инфекција. Тоа говори за успешното спроведување на мерките за лична заштита.
Инаку, во оваа установа, на 27 февруари 2020г. е формирано координативно тело за справување со коронавирусот и донесени се протоколи за работа во услови на пандемија, со кои максимално се заштитени пациентите кои се прегледуваат, како и пресоналот кој работи во клиниката.
„Континуирано работиме на обезбедување адекватна заштитна опрема и услови во кои ќе продолжиме со безбедно работење, со цел подобрување на здравјето на граѓаните и обезбедување највисоко ниво на здравствена грижа”, вели д-р Арсенков.
Во просек, месечно, се реализирани 10 илјади прегледи. По прогласената епидемија на Ковид-19 во Република Македонија, оваа установа беше определена како болница во која се вршат хируршки третмани на пациенти кои не се инфицирани со коронавирус!
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.