Косовските власти

Објавил: Калина Мартинска | 14 мај, 2024 21:34

На Порфириj забранет влез во Косово, Патријархот: Таа врата ќе ја отвори самиот Бог

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Власта во Приштина им забрани на поглаварот на Српската православна црква (СПЦ), патријархот Порфирије и на седумте владици кои го придружуваат да влезат во Косово, каде за утре е закажан состанок на советот на СПЦ во Пеќската патријаршија.

Патријархот требаше да пристигне во Косово во текот на попладневните часови, но пред да пристигне на преминот Мердаре од Приштина, стигна забрана во која се наведува дека поглаварот на СПЦ не може да влезе во Косово, соопшти Канцеларијата за Косово на Владата на Србија.

Пеќската патријаршија од средината на 14 век е историски трон на поглаварот на Српската православна црква и традиционално духовно седиште, а се наоѓа на списокот на културни добра под заштита на УНЕСКО.

Директорот на Канцеларијата Петар Петковиќ рече дека, во согласност со сите протоколи, испратиле соопштение до Приштина за плановите на поглаварот на СПЦ, но „наспроти сите договори, косовскиот премиер Албин Курти му ја ускратил можноста на патријархот да присуствува на првиот ден од Соборот на СПЦ и да биде поткрепа и потпора за својот народ и верниците“.

Порфириј во писмена изјава за медиумите најави дека „како српски патријарх, како граѓанин и како верник“ знае и порача „дека самиот Бог порано или подоцна ќе ја отвори таа врата“.

„Денеска требаше да ја отслужиме литургијата во светата патријаршија Пеќ, но сегашните власти во Приштина ни забранија да влеземе во неа и ни ги затворија вратите. Оние кои ги затворија вратите на молитвениот дом прават зло прво на себе, а потоа на сите луѓе“, изјави патријархот Порфириј.

Сепак, како што нагласи српскиот патријарх, сè се случува според божји план, но и додаде дека секоја победа се извојува со верба во Господ.

„Вашите молитви се добредојдени и неопходни за овој Собор, како и секој досега да помине во мир и љубов“,рече патријархот.

Недозволувањето влез на патријархот Порфириј во Косово е спротивно на принципите на едно демократско општество, порача ЕУ

Одбивањето да му се дозволи влез на поглаварот на Српската православна црква, патријархот Порфириј во Косово е во спротивност со фундаменталните принципи на кое било мултиетничко и толерантно демократско општество, изјави денеска главниот портпарол на ЕК за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.

Посетата на патријархот Профириј беше најавена согласно релевантните договори од дијалогот и требало да му биде дозволен влез – рече Стано.

Според него, со ваквата одлука, косовските власти не само што го прекршиле договорот за официјални посети од 2014 години, туку и бесрамно го игнорираат значењето што Српската православна црква го има за дел од жителите на Косово.

ЕУ продолжува да го повторува својот повик за целосна и безусловна имплементација на сите договори и обврски усогласени во дијалогот, вклучително и оние за официјални посети – потенцира Стано.

Тој додаде дека иако утрешната рунда од разговорите поврзана со изнаоѓањето решение за надминување на проблемите предизвикани со одлуката на косовската Централна банка за прогласување на еврото за единствена легална валута во Косово има целосно пополнета агенда, сепак, како и секогаш, ЕУ нема да ја пропушта можноста да пренесе некои пораки, очекувања и незадоволство од одредени постапки на која било од страните.

За потсетување, канцеларијата на Косово во владата на Србија соопшти дека првиот човек на СПЦ во понеделникот тргнал кон Косово за да учествува на Светиот архиерејски синод на СПЦ во Пеќската патријаршија, но кога стигнал до преминот „Мердаре“ бил спречен да влезе на косовска територија поради забраната наложена од Приштина.

Во декември 2022 година Порфириј доби забрана од Приштина да оди во Патријаршијата во Пеќ за Божиќ, но на 5 јануари премиерот Албин Курти ја тргна забраната на барање на министерот за враќање и заедници Ненад Рашиќ.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Балкан