Еден час наназад

Објавил: Калина Мартинска | 14 март, 2025 17:19

На 30 –ти март почнува летното сметање на времето- како да се прилагодите?

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

На 30. март започнува летното сметање на времето, со што ќе имаме подолг ден. Во 02:00 часот стрелките на часовниците ќе се поместат за еден час нанапред, па така времето во 02:00 часот ќе се смета како 03:00 часот.

Промените во телесниот часовник може да доведат до проблеми со спиењето, кои понекогаш траат со недели. Научните истражувања покажуваат дека постои зголемен ризик од срцеви и мозочни удари веднаш по преминувањето на новото време. Покрај тоа, летното сметање на времето е поврзано и со зголемување на сообраќајните несреќи, особено во утринските часови.

Телесниот часовник, односно деноноќниот ритам, се регулира преку изложеноста на светлина. Утринското сонце го ресетира ритамот, додека вечерната светлина го одложува лачењето на мелатонин, хормонот кој предизвикува поспаност. Со поместувањето на времето во март, телото тешко се прилагодува на новиот ритам, што доведува до замор, недостаток на концентрација и зголемен ризик од хронични болести.

Истражувањата покажуваат дека недостатокот на сон е поврзан со зголемен крвен притисок, срцеви заболувања, дебелина и когнитивно опаѓање. Сообраќајните несреќи со фатални последици исто така се зголемуваат во првите неколку дена по преминот на летното време. Анализите во САД покажале дека ризикот е најголем во утринските часови, кога возачите се најмалку одморени.

Лекарите предупредуваат: Првиот понеделник по промената е критичен.

Според Американското здружение за срце, бројот на срцеви удари значително расте во понеделникот по воведувањето на летното сметање на времето, додека мозочните удари се зачестуваат два дена подоцна. Истражувачите не се сигурни зошто ова се случува, но се претпоставува дека ненадејното нарушување на телесниот ритам дополнително ги влошува веќе постоечките здравствени проблеми, како што се висок крвен притисок и срцеви заболувања.

Како да се прилагодите на летното сметање на времето?

Експертите советуваат неколку стратегии за полесно адаптирање на новото време:

– Легнувајте 15-20 минути порано во деновите пред промената.

– Будете се во исто време секое утро за да помогнете во регулирањето на телесниот часовник.

– Изложете се на утринско сонце, особено во првата недела од новото време.

– Прилагодете ги дневните рутини, како што се времето за вечера или вежбање.

– Избегнувајте попладневни дремки, кофеинот и користењето на мобилни уреди навечер, бидејќи тие дополнително го одложуваат циклусот на спиење.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.