Иконата на автомобилскиот дизајн, Марчело Гандини, почина вчера на 85 години во Торино, Италија. Причината за неговата смрт сè уште не е објавена.
Роден во 1938, Гандини во 1965 година влегува во Бертоне по заминувањето на главниот дизајнер Џорџето Џуџаро. Гандини минал 14 продуктивни години во компанијата, ја формирал дивизијата Стиле Бертоне, и дизајнирал некои од најлегендарните возила во историјата.
Неговиот дизајнерски талент бил очигледен од почетокот на кариерата. Еден од најраните дизајни, ламборгини миура, важи за зачетник на сегментот на суперавтомобилите, а светски е познат како еден од најубавите автомобили на сите времиња.
Сепак, легендарниот дизајнер не сопрел тука. Гандини нацртал повеќе славни италијански спортски автомобили од минатиот век, вклучувајќи ги ламборгини кунтач, детомасо пантера и ферари 308/ГТ4 – првиот и последен модел на Ферари дизајниран од Бертоне кој влегол во производство. Подоцна ги дизајнирал и ламборгини дијабло, масерати битурбо, и други.
Гандини стои и зад некои од најимпресивните концепти од неговото време, вклучувајќи ги алфа ромео 33 карабо и ланча стратос зеро. Но не се ограничил само на горните ешалони на автомобилската индустрија.
Италијанскиот дизајнер е заслужен за некои од најпознатите големосериски автомобили од таа ера: оригиналната серија 5 на БМВ, првата генерација на фолксваген поло, рено 5 турбо, ситроен БХ…
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.