Согласно изјавите на Османи

Објавил: Калина Мартинска | 18 мај, 2024 9:44

Недоследно е по 2016 година ДУИ да зборува за волјата на граѓаните

Фото/Текст извор: ©meta.mk

Не може волјата на гласачите еднаш да се толкува на еден начин, а другпат на друг. Токму така се однесува ДУИ кон волјата на гласачите од 2006 година досега, а особено различно ја толкуваше и волјата на Албанците и волјата на Македонците во 2016 година, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

Сè уште актуелниот шеф на дипломатијата и претседателски кандидат на неодамнешните избори, Бујар Османи во интервју за национална телевизија даде изјава која може да се оцени како недоследна:

По трет пат го одговарам истото прашање. Има разлика помеѓу погледите и интересите на политичките партии и државните обврски кои што произлегуваат од договорите кои што сме ги постигнале. И затоа, не е прашање дали сакаме ние да соработуваме со една политичка партија или не, туку граѓаните одлучуваат. И волјата на граѓаните треба да се почитува. Така што, наша обврска е таа волја на албанскиот народ да ја почитуваме. Граѓаните ја завршија својата работа. Албанците го определија својот претставник, сега наше е да ја преточиме таа волја во реалноста…

Образложение:

Изјавата на шефот на дипломатијата Бујар Османи дека во новата извршна власт мора да партиципира ДУИ, бидејќи тоа било волјата на гласачите и бидејќи тоа е во духот на Охридскиот рамковен договор, е недоследна и тоа по повеќе основи.

Но, основата на недоследноста е околу толкувањето на волјата на гласачите. Имено, точно е дека Коалицијата на ДУИ освои 19 пратенички места со околу 137 илјади гласови (конечни неофицијални резултати). И со тоа е партија со најголем број освоени гласови и мандати помеѓу албанската, турската и ромската популација во државата. И точно е, дека следејќи ја реалност после 2001 година, генерално владите се составувале по принципот победник со победник, со мала отстапка во 2006 година, кога во првата Влада на Никола Груевски, тој се определи за коалициски партнер да ја земе ДПА, наместо ДУИ. Оттогаш, па сè до 2016 година, во неколкуте влади на Груевски после неколкуте редовни и вонредни избори, во Владата секогаш влегувал победникот во албанскиот кампус, а тоа била ДУИ.

Не гласачите, туку политичката реалност во 2016 ја состави владата

Но, во 2016 година, по изборите кои уследија по вонредно тешка политичка криза, која започна уште од декемвриското исфрлање на пратениците од опозициската СДСМ во 2012 година и покрај таквата доследност на почитување на волјата на избирачите од страна на Груевски и покрај т.н. Мајски договор помеѓу двете партии од 2007 година, за почитување на истиот принцип, ДУИ е тој што не сакаше да ја почитува волјата на граѓаните на изборите и реши наместо со ВМРО-ДПМНЕ да направи коалициска влада со СДСМ. А резултатите од изборите во 2016 година беа такви што и покрај сиот опозициски енергетски набој, ВМРО-ДПМНЕ освои повеќе гласови од СДСМ и беше победник во условно речено македонскиот кампус гласачи. Затоа, може да се каже дека тогаш Османи и ДУИ ја гледаа волјата на гласачите како прилично растеглива категорија. И кај гласачите Албанци и кај гласачите Македонци. На пример, ВМРО-ДПМНЕ тогаш освои за околу 16 илјади гласачи повеќе од СДСМ, но уште поважно, гласовите кај ДУИ (85 илјади), се за цели 38 илјади помалку од гласовите на БЕСА, АА и на ДПА во тоа време (збирно 128 илјади). Но, тогаш, ДУИ не ја интересираше волјата на гласачите, туку се приклонија на политичката реалност.

Охридскиот не диктира кој со кого мора да состави влада

Втората недоследност во изјавата на Османи е дека таквото устројство не е директно поврзано со Охридскиот рамковен договор, ниту со Уставот (член 90) и законите кои произлегуваат по имплементацијата на тој договор. Имено, никаде, ама баш никаде не пишува дека влада мора да состави тој што победил кај Македонците и тој што победил кај Албанците, условно кажано. Влада, според Уставот составува оној на кој му е врачен мандатот од страна на претседателот на државата, а кој ќе успее да обезбеди мнозинство пратеници во Собранието. Тоа што досега никогаш влада не е направена и без претставници на доминантни албански партии е чисто политичко уважување на реалноста на сите носители на извршната власт од 1990 година до сега.

Зошто гласачите од ВЛЕН би биле помалку вредни Албанци?

Конечно, Османи поставува уште една недоследност во изјавите во интервјуто. Тој во еден момент вели дека ако македонскиот партнер си избира со кои Албанци ќе прави влада, гласачите на ДУИ можеле да се запрашаат зошто тогаш гласаат, ако не се почитувал нивниот глас. Недоследноста на Османи произлегува од реалноста. Прво, точно е дека добар дел од гласовите за коалицијата на ДУИ не се само Албанци. Но, уште поважни се бројките. Зошто преку 107 – те илјади гласачи на коалицијата ВЛЕН би биле помалку вредни од преку 137-те илјади гласачи на коалицијата предводена од ДУИ. Зарем и тие гласачи немаат право да се запрашаат, чуму гласаат, ако макар и само еден глас повеќе решавал кој ќе ги претставува во извршната власт? Таква била демократијата, вели Османи. Не баш. Демократијата вели дека владее оној што лесно ќе состави мнозинство за владеење, а прв што ги прави тие обиди, е оној што ќе го добие мандатот.

Поради сите погоре посочени аргументи, изјавата на Бујар Османи дека во новата влада мора да влезе ДУИ зашто бил победник во албанскиот кампус и затоа што така налагал духот на Рамковниот договор, е недоследна.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.