
Македонија
Скандал
Во текот на претседателската кампања премиерот Заев, во една мала тетарска претстава со актерот Дац, најави дека го слушнал гласот на народот и дека после изборите ќе има “метла“ за многу функционери од власта кои потфлиле или ги иритирале гласачите. Еклатантен пример за функционер кој потфрлил и ги иритира своите гласачи е пратеникот Павле Богоевски, кој призна дека сторил кривично дело, а постои големо сомнение дека е и редовен уживател на наркотици, што го прави недостоен да биде пратеник и да носи битни државни одлуки. Заев, доколку има принципи, треба да побара оставка од пратеникот Павле. Но, дури и да не го направи тоа, преку случајот на Богоевски ќе се докаже дека социјалните мрежи и јавното мислење имаат поголема сила од политичарите и можат да ја донесат конечната “пресуда“ за крајот на политичката кариера на некој пратеник, министер, градоначалник или државен функционер!


Впрочем, за случајот со незаконската нарачка на Павле на пола грам “кокаин или канабис“, се дозна преку Фејсбук профилот на контраверзниот Громовник, што се расшири низ јавноста со невидена брзина. Потоа пратеникот Богоевски се почувствува прозван и на својот ФБ профил потврди дека тоа е неговиот глас, но дека не нарачувал коакин, туку масло од канабис за помош на негова блиска личност, како и дека тој е жртва на неовластено снимање од таксист. Ваквата реакција на пратеникот предизвика две работи. Прво, тој самиот призна дека сторил кривично дело по член 215 од Кривичниот законик, за која се добива затвор од 1 до 5 години. И второ, многу граѓани на социјалните мрежи почувствуваа дека пратеникот Павле им ја навредува интелегенцијата бидејќи во снимениот разговор термините “спреми ми полче“ и цената “2.500“ денари се вокабулар кој се користи за набавка на кокаин или хероин, а не за масло од канабис кое е легално во промет во аптеките.


Ваквото објаснување од страна на некогашниот “револуционер“ Павле Богоевски, предизвика уште поголема иритација на социјалните мрежи и уште посилни критики и прозивки за оставка од функцијата пратеник во Собранието. Еден од коментарите беше дека “револуцијата ги шмрка своите деца“! Според оваа лавина од реакции, која не стивнува, се очекува пратеникот Павле Богоевски самиот да си поднесе оставка од функцијата на која дел граѓаните на Скопје го избрале во Собранието. Доколку сепак му е помила пратеничката фотеља од гласот и критиката на јавноста, тогаш Павле Богоевски ризикува да стане чиста спротивност на се она она за што се бореше т.е наместо правда, Правде ќе стане синоним за неправда, наместо одговорност, ќе биде пример за неодговорност; наместо казнивост, Павле ќе биде пример за неказнивост.
Секој поминат ден со правдање, гонење на таксистот и изговори дека направил кривично дело “од хумани побуди“, само ќе предизвикува уште поголеми реакции од граѓаните кои ионака се прилично иритирани од политичари кои зборат едно, а прават нешто сосема друго. Со секој поминат ден во Собранието, пратеникот Павле Богоевски само ќе станува дополнителен товар за колегите пратеници од СДСМ, за владеачкото мнозинство, и најмногу за премиерот Заев и гласно најавената операција “Метла“!
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.