
Македонија
Вести
Дали и колкава е одговорнаста на градоначалникот на Кочани Љупчо Папазов ќе утврди Јавното обвинителство, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање како е можно градоначалникот да не е меѓу осомничените за трагедијата во Кочани, со оглед на тоа дека по распитот е пуштен на слобода, иако според закон, општината води регистар на ноќни клубови, дискотеки и кабареа, а наплаќа и половина од сумата за добивање лиценца.
„Градоначалникот во својата оставка напиша дека стои на располагање за се. Не бега, тука е“,рече Мицкоски, откако денеска ги посети повредените во ГОБ „8 Септември“ во Скопје.
Според него, денеска истражните органи ќе влезат во општината, со цел да ги проверат сите документи.
На новинарите им посочи дека „ако пледирате на тоа дека градоначалникот е од ВМРО-ДПМНЕ, па дека го штитиме, се лажете“.
„Никого нема да штититме. Свети ВМРО да биде. И јас да сум. И родена сестра и брат да ми е, ќе одговара, ако има каква било вина. И затоа реков, кривична одговорност ќе има за сите“, рече премиерот.
Порача и дека тој ќе се носи со целиот предизвик, ако е потребна каква било морална или политичка одговорност, но дека прво ќе ги порази противниците, а потоа граѓаните на избори ќе судат дали и кој треба да сноси одговорност.
„Но, да не шпекулираме пред време. И свети ВМРО да е, ако некој направил грешка, ќе одговара. И тоа сме го покажале и докажале во овој период“,додаде Мицкоски.
Избор на в.д. градоначалник на Општина Кочани ќе се случи во законски предвидениот рок, додаде тој.
Претходно на распит беше и градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, и како што соопшти Обвинителството дополнително ќе биде донесена одлука за неговиот натамошен статус во постапката.
„Извршен е распит на градоначалникот кој даде определени појаснувања и сознанија. Таквиот исказ се споредува со доказниот материјал и надлежностите на општината, по што ќе биде донесена одлука за неговиот натамошен статус во постапката“, информираа од Обвинителството.
Ексминистерот за економија Крешник Бектеши, поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски и уште 12 лица осомничени се во притвор од 48 часа за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
„Судот во Кочани го прифати барањето на обвинителството по предлогот за определување мерка краткотраен притвор за сите 14 осомничени лица. Изречена е мерката краткотраен притвор во траење од 48 часа“, информираа од Основниот суд Кочани.
Од судот велат дека се постапува по предлозите на Обвинителството, во врска со пожарот во „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 59 лица, а 155 се повредени.
Љупчо Коцевски вчера соопшти дека во врска со несреќата во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани се работи на итно процесуирање на 14 осомничени. Тој информираше дека се сомничат за „тешки дела против општа сигурност“ по член 292 од Кривичниот законик со казна затвор од најмалку три години без горна граница на казнување, што може да се движи до 20 години. Воедно, рече дека се испитуваат дејствија на примање и давање поткуп како и незаконска набавка на пиротехнички средства.
„Вкупно до овој момент се работи на итно процесуирање на 14 лица обезбедени од нашето постапување до овој момент. По однос на увидот можам да кажам дека сите важни релевантни факти и докази на местото се обезбедени и следат дополнителни анализи и вештачења од соодветна област“, рече Коцевски, дополнувајќи дека во текот на оваа недела има можност да се поведе истражна постапка.
Пред судот во Кочани, синоќа беа изведени Бектеши, Трајковски и уште едно лице. По распитот тие се испратени во Истражниот затвор Скопје. Заедно со нив се спроведени уште три лица. Останатите се наоѓаат во притворското одделение во затворот во Куманово.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.