Претседателски кандидати ветуваат „ветинг“, а немаат надлежност за тоа

Објавил: Калина Мартинска | 16 април, 2024 19:21

Не само уставните измени, ДУИ сега има нов услов: ветинг на политичарите

Фото/Текст извор: ©alsat.mk

Освен уставните измени, услов за формирање на Влада ќе биде и договорот за ветинг. Ова го изјави кандидатот за претседател од Европскиот Фронт, Бујар Османи.

Прочистувањето на политиката и судството од корумпирани личности и спречувањето да извршуваат државна должност, останува една од главните теми на претседателската изборна кампања. Тоа се случува иако експерти веќе објаснија дека функцијата за која се кандидираат, нема надлежности да спроведе ветинг. Сепак, кандидатот за претседател од Европскиот фронт, Бујар Османи, во рамки на кампањата, од Дебар вети дека ветингот за политичарите, обвинителите и судиите ќе биде услов за формирање на следната влада.

„Нема да има влада без договор за целосен ветинг на сите носители на јавни функции. Секој кој сака да стане министер, директор, судија или обвинител, прво ќе треба да добие сертификат што ќе го издадат САД, Европската унија и НАТО во две насоки. Дали имаат некаква врска со руските интереси и дали се вмешани во корупција…“, рече Бујар Османи, кандидат за претседател на „Европскиот фронт“.

На оваа изјава реагираше кандидатот за претседател од редовите на коалицијата „ВРЕДИ“, Арбен Таравари. Според него, ДУИ има формирано 6-7 различни влади, но ветинг никогаш не спровеле.

„Не знам дали Бујар Османи го мисли тоа или се потсмева, дали ја потценува интелигенцијата на граѓаните. Господинот Бујар Османи е 22 години на власт, кога велам г-дин Бујар Османи, мислам на ДУИ. Формирани се шест или седум различни влади. Ги прашувам зошто не го направиле тоа 20 години или зошто не го направиле во последните 7-8 години? Неколку пати го поканив г. Бујар Османи – ајде да потпишеме ветинг за политичарите, судиите и обвинителите“, нагласи Арбен Таравари, кандидат за претседател од „ВРЕДИ“.

За идејата да се формира меѓународен одбор кој ќе им издава сертификати на политичари, судии и обвинители за можни врски со Русија или нивна вмешаност во корупција, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска, коментираше со иронија. Таа рече дека државата не е модерна колонија или протекторат за да се спроведува такво нешто.

Ветингот го вети и претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски, кој побара да се испита потеклото на имотот на функционерите. Идејата за проверка, веќе со години наназад, ја поддржуваат речиси сите партии, пред сè во однос на судството. Сепак и покрај неколкуте неуспешни иницијативи, овој процес не беше реализиран бидејќи и самата Европската унија, врз основа на искуството на Албанија, препорача Македонија да ги користи постојните механизам.

Инаку освен ветингот, услов за формирање на Владата се и уставните измени за што лидерите на албанските политички партии велат дека имаат џентелментски договор, дека нема да влезат во владина коалиција без да се надмине оваа прашање.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Политика