Според првичните сознанија, предметите се слични на оние пронајдени во блиското село Требениша пред стотина години и на Горна Порта во Охрид пред 22 години.
Сè започнало во 2020 година кога Шефит Шемшедини од Корошишта си вршел земјоделски работи во атарот на селото, кога открил бронзен шлем кој потоа го предал во Заводот и музеј Охрид. Лани тимот од Археолошкиот музеј од Скопје добил согласност од сопственикот на нивата, Букури Шемшедини да вршат археолошки истражувања на локацијата.
Богатиот архајски гроб од 6 век пред новата ера што археолозите деновиве го истражуваат во струшкото село Корошишта уште еднаш го потврди фантастичниот културен контекст што постоел на овие простори пред 27 века. Во гробот се регистрирани 80 наоди – бронзен шлем, златни прстени, килибарни и стаклени перли, златни фолии со различни форми и декорација, сребрени игли, бронзен сад за вино, сребрен кантарос, бронзени чинии и многу други. Археолошките истражувања го спроведува Археолошкиот музеј од Скопје со поддршка од Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид и Музјеот „Д-р. Никола Незлобински“ од Струга.
Приказната за „Требенишките кнезови“ почнува во 1918 година кога бугарски војници случајно ги нашле гробниците во кои биле депонирани и првите две златни маски и многу други предмети. Во тоа време Македонија била бод бугарска јурисдикција и предметите веднаш биле однесени во Софија каде се наоѓаат и денес.
Од 1930 до 1934 година, кога Македонија била под српска јурисдикција, српскиот археолог Никола Вулиќ пронашол уште две маски (со други придружни богати предмети) кои денес се изложени во Белград. Потоа биле откриени гробовите на Дебој, па на Горна Порта во 2002 кога излезе уште една златна маска и златната ракавица. Овие наоди денес ù припаѓаат на Македонија.
Во книгата „Уметноста на Требеништа“, Паско Кузман забележува 825 археолошки предмети, од кои 258 се чуваат во Археолошкиот музеј во Софија, 187 во Народниот музеј во Белград и 380 во Заводот и музеј во Охрид. Највредните примероци, меѓу кои се четирите златни посмртни маски се чуваат во Софија и во Белград, заедно со два бронзени масивни кратера, сребрени пехари и ритони, златни ракавици, сандали и украсни плочки и голем број примероци од златен и сребрен накит.
Прашањата за реституција на предметите од Требеништа многупати било отворани. Постои ли можност тие некогаш да бидат вратени во местото каде што биле откриени. Освен како чин на добра волја други правни можности не постојат, бидејќи во тие времиња Македонија сè уште немала самостојно државно уредување. Во слична ситуација се многу земји, еден од најпознатите примери се Елгиновите мермери од Партенон во Атина, кои кон крајот на 19 век биле пренесени во Лондон и никогаш не се вратиле во Грција.
Обединувањето на „требенишките кнезови“ беше сон на многу археолози – на едно место да се видат предметите кои денес се наоѓаат во Македонија, Бугарија и во Србија. На група археолози од овие три земји тоа им појде од рака и во 2019 година во Археолошкиот музеј во Скопје беше отворена грандиозната изложба „100 години Требениште“, со идеја остана поставката да патува во Белград и во Софија. Лани изложбата беше отворена во Софија, а догодина треба да биде отворена во Белград.
Кои биле големците кои живееле крај брегот на Охридското Езеро во 6 век пред новата ера?Според археологот Перо Арџанлиев кој раководи со ископувањата во Корошишта за нив е пишувано многу и биле нарекувани со секакви епитети кои означува одредена моќ (базилеи, кнезови, елита, воини и сл.).
– Сите овие епитети им прилегаат и според гробните прилози слободно можеме да кажеме дека ги заслужуваат. Околу нивното потекло т.е. на која племенска заедница им припаѓаат, археолошката наука сè уште не може со сигурност да одговори и тоа е една од мистериите која ù дава доза на романтичност на оваа некропола. Додека за поширокиот историски контекст на Балканот можеме да кажеме дека вакви т.н. елити се јавуваат на еден поширок простор кој често го нарекуваме Централен Балкан во една иста хронолошка рамка т.е. крајот на 6 век пр.н.е. и почетокот на 5 век пр.н.е. – вели Арџанлиев во интервју за Умно.мк.
Според него, ова раздобје е познато како доцноархајски период кога одненадеж се појавува еден феномен на богати погребувања, во кои најкарактеристичен белег е појавата на посмртни златни маски. Такви погребувања се откриени на некрополите на една поширока територија на Централен Балкан како: Требениште, Петилеп-Беранци, Синдос, Халкидики, Охрид, Архонтико и Ајани.
– И околу оваа појава науката нема изградено единствен став со што уште повеќе ја разгорува дебатата во научните кругови и со тоа ја прави некрополата кај Требениште своевиден мит кој повторно и повторно ги тера различните генерации на истражувачи да се навраќаат на оваа некропола да истражуваат и да се вградуваат во нејзината богата историја – вели Арџанлиев.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.