Бројката на деца на улица не може точно да се утврди.
Центрите за социјална работа, граѓанските организации, Заводот за социјална дејност излегуваат со различни бројки, но реалната слика за децата што секојдневно се на улица е многу посериозна, истакна денеска Васка Бајрамовска-Мустафа, државен советник од канцеларијата на Народниот правобранител. Таа нагласи дека тоа укажува на потребата од многу поголем ангажман од надлежните органи.
Три центри за згрижување
– Доколку тргнеме од фактот дека со новиот правилник за згрижување, на ниво на држава ние имаме само три дневни центри за згрижување на деца на улица – тоа е во Кисела Вода и двете во Шуто Оризари. И по законот, односно по правилникот ограничена е бројката до 24 максимално, што значи дека ако во просек кажеме, максималниот број не излегува повеќе од 70-80 деца кои се згрижуваат, но оваа бројка не е реална. Она што секојдневно го гледаме низ улиците, посебно во попладневните часови, укажува на многу посериозна бројка и ова е исто така една од препораките да се води системско следење на бројката, бидејќи со една бројка излегуваат центрите за социјална работа, со друга бројка излегуваат граѓанските организации, со трета бројка Заводот за социјални дејност, кој, исто така, врши надзор, има надлежност за оваа негативна појава. Така што, ова е аларм дека навистина многу посериозно треба да се зафатиме со решавање на проблемот деца на улица, деца во социјален ризик – посочи Бајрамовска – Мустафа.
Таа рече дека праксата покажува дека ефектите од згрижувањето деца и работа со нив, очигледно не ги дава посакуваните резултати.
– Податоците што ги обезбедивме преку Центарот за социјална работа, Заводот за социјални дејности, од интервјуа со самите родители и деца згрижени во дневните центри, укажуваат на тоа дека причините за појавата деца на улица сè уште не се сфаќаат сериозно, имајќи предвид дека најголем број се од ромската заедница, од семејства што живеат во многу лоши услови, без никакви можности за развој – нагласи Бајрамовска-Мустафа.
Таа вели дека ваквата состојба алармира на многу посериозен начин на решавање на проблемот со деца на улица, имајќи предвид дека дел од овие деца не се евидентирани во матичната книга, што ги прави уште посоцијално ранливи и полесно подводливи за низа негативни појави.
– Фактот дека секојдневно сме сведоци дека децата не питачат сами, питачат и со други лица коишто можеби и не се нивни блиски, укажува на потребата на многу поголем ангажман на надлежните центри за социјална работа во чија надлежност се овие деца за да можат да работат со нив и да ги превенираат можните злоупотреби на овие деца – посочи Бајрамовска-Мустафа.
Воедно, Канцеларијата на Народниот правобранител препорачува локалната самоуправа во секој еден град и место каде што има деца на улица, сериозно да ја мапира оваа појава и заедно со надлежните институции и родителите да ги тргнат овие деца и да им овозможи нормален раст и развој.
Маките на децата питачи
На улиците може да се видат деца, како ги повикуваат минувачите за пари или храна, честопати на овој начин ги поминуваат своите денови. Оваа ситуација е особено вознемирувачка бидејќи го продолжува циклусот во кој децата растат верувајќи дека питачењето е нивното единствено средство за преживување, без да бидат водени кон подобар живот од нивните родители или семејства.
Решенија предложени од Народниот правобранител
За решавање на ова прашање, Народниот правобранител предлага локалните самоуправи да ги мапираат децата затекнати на улица и да ги пријават до надлежните институции за неопходни мерки. Ова вклучува подобрување на социо-економските и материјалните услови на семејствата, бидејќи сиромаштијата е главен фактор што ги поттикнува децата да питачат.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.