
Свет
Вести
Да се намали влијанието на политиката врз правосудството, а државата сериозно да се бори против корупцијата, очекуваат дел од правниците
Една од главните работи со кои треба да се зафати новата влада е суштинска реформа на правосудниот систем, сметаат правни експерти. Според нив, тоа е потребно пред се поради ниската доверба од само 2 отсто, која граѓаните ја имаат во судството. Професорот од правниот факултет во Скопје, Борче Давитковски, вели дека треба комплетно да се преиспита улогата на судскиот и обвинителскиот совет, но и на академијата за судии и јавни обвинители, односно дали таа ги дава очекувањата.
„Кај нас секоја влада почува со реформи на крајот од мандатот што е најголема глупост. Сега ќе имаме нова влада. Во првите 6 месеци, треба да се етаблираат насоките како ќе се прави реформа во правосудството, јавната администрација, образование, здравство, за да луѓето имаат перцепција што не очекува и дали ќе биде подобро“, вели Давитковски.
Тој смета дека кај ниту една поранешна македонска влада немало политичка волја за да направат вистински реформи. Затоа е скромен во очекувањата и од идната влада.
„Кај нас политиката е многу инволвирана и јас не очекувам многу. Но да им дадеме време. Да видиме првите реформски чекори кои ќе бидат, да видиме дали ќе има политичка воља или не. Еднаш нашиве власти треба да знаат, дека не правиме реформа за да влеземе во ЕУ, туку правиме реформа за да се подобри животот и стандардот на македонските граѓани“, вели Давитковски.
Сериозен предизвик со кој државата треба да се соочи е и како да се намали влијанието на политиката врз правото, но и борбата против корупцијата.
„Но доколку таа борба е само фиктивна и со носење на закони, каде имаме на некој начин само амнестија, тоа претставува атентат на самиот правен систем, како она што се случи со намалување на казнените дела и укинување на одредени кривични дела, што испраќа порака дека имаме неказнивост и дека можеби тоа ќе се случи и во иднина“, изјави Ангел Ристов, претседател на институтот „Јуридика прима“.
„Во делот на судството, во делот на републичкиот судски совет, совет на јавни обвинители, треба да се направат реформи. Очигледно е дека од сите страна и од Европа, а и ние знаеме дека судството не ни функционира како што треба и тука треба да се направат реформи“, вели универзитетскиот професор Арсен Јаневски.
Во Македонија досега честопати се носеа закони кои се спротивни на правдата и моралот. Затоа е многу е важно при носењето на законите во иднина да има општа јавна расправа со цел носење на правилни закони, а не закони кои се спротивни на правната логика. Овие пораки беа упатени на десетатата меѓународна научна конференција, „Охридска школа на правото“.
Мицкоски ја најави ваквата реформа на судскиот систем
Според предлогот на Мицкоски, кој го образложи и во вчерашното обраќање на Самитот Македонија 2025, и Судскиот Совет и Советот на јавни обвинители треба целосно да се распуштат и на нвино место судиите и обвинителите самите да изберат нови членови со кредибилитет… потенцираше дека идната влада нема намера да поставува и да предлага свои луѓе преку измени во законот.
„Главен предизвик ќе бидат реформите во Судски совет и Советот за јавни обвинители. Наша цел е да ги распуштиме овие кои довербата во правниот систем ја сведоа на едноцифрена бројка проценти, и наместо нив, самите судии и обвинители да си ги изберат своите претставници преку тајно гласање Наша обврска ќе биде да обезбедиме независен буџет, врзан со проценти од централниот буџет, за да бидат целосно автономни, за да не бидат потоа политичарите изговор на некој од тие корумпирани поединци во судство и обвинителство дека тие им правеле притисок. Сами да се изберат и сами да функционираат, а ние ќе правиме оверсајт на таа работа преку собраниска комисија во која ќе има претставници и на власта и на опозицијата“, рече Христијан Мицковски.
Реакција на Судскиот Совет
Судската власт е самостојна и независна. Секое мешање во судството и во судската власт носи со себе сериозна опасност по демократијата, правната сигурност и владеењето на правото, велат од Судскиот совет на најавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар Христијан Мицкоски дека нивна цел е да го распуштат Судскиот совет и самите судии и обвинители преку тајно гласање да ги избираат своите преставници во Советот.
„Судскиот совет не се впуштa во коментирање и оценка на предизборни програми и ветувања на која било политичка партија, затоа што тоа е крајно несоодветно. Единствено, Судскиот совет укажува дека судската власт како една од трите власти, а не трета власт, е самостојна и независна. Овој факт не го користиме како флоскула и одбранбен механизам. Мора да биде јасно и сите да бидат свесни дека секое мешање во судството и генерално во судската власт на кој било од носителите на другите две власти, носи со себе сериозна опасност за едно демократско општество, правната сигурност и владеењето на правото, како вредности, стандарди и врвни приоритети кон кои како држава се стремиме на патот кон ЕУ“, велат од Судскиот совет.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.