Се чека ДИК

Објавил: Калина Мартинска | 9 мај, 2024 17:27

Новиот состав на Собранието треба да се конституира најдоцна 20 дена по изборите

Фото/Текст извор: ©tv24.mk

Откако завршија изборите, течат роковите за приговори од учесниците, по што Државната изборна комисија ќе излезе со конечните резултати и распределбата на мандатите.

Според Уставот новоизбраниот собраниски состав се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори, а ќе ја свика претседателот на Собранието од претходниот состав. Актуелниот спикер Јован Митрески ќе закаже седница во недела, 12 мај, кога ќе биде и инаугурацијата на новиот претседател на државата а тоа ќе биде Гордана Силјановска Давкова.

Како претседател на државата таа ќе го додели и мандатот до мандатарот кој ќе има рок од 40 дена да состави Влада која во Собранието мора да има поддршка од најмалку 61 пратеник за да биде изгласана.  По свечената изјава пред пратениците од стариот состав и започнува нејзиниот мандат. На 12 мај истекува мандатот на актуелниот претседател кој беше и кандидат за претседател, Стево Пендаровски.

По инаугурацијата на Сиљановска Давкова, согласно новиот собраниски Деловник, новоизбраниот парламентарен состав треба да ја одржи конститутивната седница најдоцна до 28 мај. Мандатот на пратениците почнува да тече од конститутивната седница на законодавниот дом.

„Претседателот на Република Македонија: го определува мандатот за состав на Владата на Република Македонија, ги поставува и ги отповикува со указ амбасадорите и пратениците на Република Македонија во странство, ги прима акредитивните и отповиковните писма на странските дипломатски претставници, предлага двајца судии на Уставниот суд , предлага двајца членови на Републичкиот судски совет, именува тројца членови на Советот за безбедност на Република Македонија. Доделува одликувања и признанија во согласност со закон, дава помилување во согласност со закон.“ – стои во Уставот на РСМ.

Конститутивната седница ќе трае најмногу три дена, а треба да ја свика сегашниот претседател на Собранието Јован Митрески. Доколку тој не го стори тоа, на 21 ден по изборите седницата ќе ја свика најстариот пратеник и ќе претседава со седницата до изборот на нов спикер. Претседател на новиот параментарен состав, се очекува да биде избран најдоцна на 1 јуни.

Претседателот на државата, пак, е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието, мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

„Владата и секој нејзин член, за својата работа одговараат пред Собранието. Собранието може да изгласа недоверба на Владата. Прашање за доверба на Владата можат да постават најмалку 20 пратеници. Гласањето за доверба на Владата се врши по истекот на три дена од поставувањето на прашањето за доверба. Повторно прашање за доверба на Владата не може да се постави пред истекот на 90 дена од последното гласање за доверба, освен ако прашањето за доверба го постави мнозинството од вкупниот број пратеници.“  – стои во Уставот на РСМ.

А рокот за поднесување на приговори за постапката на гласање истекува денеска до 19 часот. Според информациите од Државната Изборна Комисија доколку некој од кандидатите не се задоволни од одлуките имаат право на тужба до Управниод суд, судот пак треба да донесе одлука во рок од 48 часа.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.