Убиен беше Орхан Бајрами Оки

Објавил: Калина Мартинска | 30 ноември, 2024 10:16

Обвинителството има осомничен за убиството на Халкидики лани

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело кое во македонскиот Кривичен законик е предвидено како – Убиство од член 123 став 2 точка 3 во врска со став 1 и член 22, како и за Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи според член 396 став 3.

Осомничениот 33-годишник, на 15 јули 2023 година, во Ханиоти, Република Грција, заедно со уште едно засега непознато лице, со умисла го лишиле од живот сега покојниот Орхан Бајрами, а ги довеле во опасност и животите на уште четири лица. По претходен договор, осомничениот и неговиот соизвршител маскирани пристигнале во туристичкиот комплекс каде била сместена жртвата и се приближиле до отворената задна балконска врата. Осомничениот од огнено оружје – пиштол „Црвена застава“ со калибар 7,65 мм со пригушувач испукал 11 куршуми, а неговиот соучесник со пиштол од ист калибар уште 8 куршуми во правец кон оштетените. Од куршумите, три завршиле во телото на сега починатиот, нанесувајќи му смртоносни повреди.

Грчките истражни органи имаа издадено налог за апсење на осомничениот, како и Европски налог за апсење и меѓународна потерница поради сомненија за кривични дела – Намерно убиство со соучесништво и Обид за сериско и соучесничко убиство на територијата на Република Грција. Со оглед на тоа што станува збор за македонски државјанин за кого не постои можност за екстрадиција, врз основа на инструментите за меѓународна правна соработка, грчките власти го отстапија кривичното гонење на Основното јавно обвинителство Скопје.

Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд во Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.

Од грчката полиција соопштија дека во раните утрински часови на 15 јули 2023 година, на Халкидики, две лица, со скриени лица, се приближиле до вилата и со употреба на огнено оружје пукале во внатрешноста, што резултираше со смртоносна повреда на еден 39-годишен и повреда на 45-годишник, кои во вилата престојуваа со уште тројца нивни сонародници.

Веднаш по убиството, во околината биле пронајдени 19 чаури.

Тогаш, убиен беше Орхан Бајрами – Оки, кој се сметаше за еден од главните водичи на криминалната група „Дуќанџик“, додека пак во март минатата година во скопската чаршија беа убиени две лица, веројатно членови на истата група.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.