
Македонија
Вести
Јавниот обвинител на Македонија согласно своите законски овластувања веќе има оформен предмет по допрен глас врз основа на вчерашната изјава на Претседателот на Владата, кој на седница за пратенички прашања во Собранието изјави дека бил незаконито следен од безбедносни служби во текот на 2020 година, информира Обвинителството.
Предметот веќе е даден на постапување на надлежно обвинителство за да ги испита наводите.
Инаку претходно, Премиерот Христијан Мицкоски очекува од Јавното обвинителство по допрен глас да преземе мерки во врска со информациите кои ги изнесе на вчерашната собраниска седница за пратенички прашања дека претходната власт физички го следела него тогаш како предводник на најголемата опозициска партија, оти наводно бил лидер на паравоена формација.
-Она што е интересно од тоа што можам да го кажам и да го споделам со јавноста е дека овие списи, извештаи или како да ги наречам дебрифинзи, се креирани на почетокот на 2020 година кога е изборна година. Замислете, една од безбедносните агенции, од оправдани причини нема да кажам која е, располага со вакви информации во кои што јас инспирирам, финансирам и организирам вакви терористички структури вооружени, а притоа не го информирала МВР. И се поставува прашањето зошто не го информирала. Одговорот е јасен, затоа што тоа беше техничкиот период и тогаш технички министер беше г. Наќе Чулев, зборувам во 2020 година. Ова било само начин преку монтажа да се обезбеди физичко покривање на лидерот на најголемата политичка партија во тој момент – ВМРО-ДПМНЕ. Останатото еве оставам до обвинителството, да видиме дали овој глас ќе допре до нив и дали тие ќе преземат некакви мерки, рече Мицкоски на новинарско прашање дали очекува разврска во врска со неговото следење од безбедносните служби дека бил лидер на паравоена формација.
Прашан до каде е со реализација најавеното спојување на Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност, и дали има некаков предлог закон за спојување на агенциите, тој посочи дека се во подготовка реформи за кои ќе биде потребно време.
– Таа процедура нема да биде брза и се разбира нема да биде јавна. Кога ќе биде се’ завршено, а за тоа треба време, ќе биде јавна, ќе има јавна дебата, ќе можат експертите да ги дадат своите мислења. Но, ние се подготвуваме на оваа реформа бидејќи оваа реформа најголемиот дел од НАТО земји ја имаат направено, од соседството таква е во Словенија, во Хрватска итн. Така што, да бидеме трпеливи затоа што сепак станува збор за системот за разузнавање и контраразузнавање на државата, рече Мицкоски по присуството на презентацијата на резултатите од работата на Министерството за внатрешни работи за изминатата година од страна на ресорниот министер Панче Тошковски, на која присуствуваше и државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
-Имајќи предвид дека се работи за сензитивен карактер на пласираната информација, обвинителството ќе ги преземе сите неопходни активности преку надлежни органи за да ги испита својствата на можни инволвирани лица и евентуалните инкриминирани дејствија, стои во соопштението.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.