Обвинителството информира дека ја започнало истрага за утврдување на причините за пожарот кој вчера избувна и ја пеплоса Универзалната сала во Скопје, која беше во фаза на реконструкција.
Трите лица кои за време на пожарот работеле на објектот беа приведени во полиција, каде дале изјави по што се пуштени на слобода. Како што соопшти Обвинителството, локацијата детално ќе се проверува за да се обезбедат сите докази потребни за да се утврдат причините за пожарот.
Обвинителството започна истраги кои треба да дадат одговор на прашањата како избувнал пожарот и дали причината е човечкиот фактор. Државниот инспекторат за труд вчера изврши увид во работата на фирмите вклучени во реконструкцијата на објектот и подготви записник.
Коце Трајановски: Петре Шилегов од политичка омраза кон ВМРО-ДПМНЕ не го прифати проектот за нова Универзална сала
Од готов проект за нова Универзална сала во 2017-та до руиниран и пеплосан објект во 2024-та. Власта на СДСМ од некои свои причини не сакаше да го прифати веќе готовиот проект од претходната локална власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Коце Трајановски, поранешниот градоначалник на Скопје за Алфа вели дека на Петре Шилегов му оставил целосно подготвена документација за изградба на овој култен објект, но тој го одбил поради политичка омраза кон ВМРО-ДПМНЕ.
Проектот од мандатот на Трајановски бил вреден 15 милиони евра со подземни паркинг места кои ги има секаде во Европа, додека оној на кој Шилегов работеше целиот мандат, барем декларативно беше проценет меѓу 13 и 14 милиони, но без подземните паркинг места.
„Со доаѓањето на господинот Шилегов за градоначалник, меѓу првите пресови го направи токму пред Универзална сала. Во неговата изборна програма многу јасно стои, веднаш значи вендаш е почнеме со изградба на Универзалната сала, дали со нов проект или со стар. Меѓутоа, овој проект не го прифати, не го прифати мислам според мислење поради големата политичка омраза кон ВМРО-ДПМНЕ“, вели Трајановски.
Покрај Шилегов овој проект не сакал да го реализира ниту поранешниот министер за култура. Иако, за речиси иста сума со онаа на Шилегов, биле предвидени подземни паркинг места, кои ги немаше во проектот на градоначалникот од СДСМ, Роберт Алоѓозовоски исто така останал слеп пред планот на Трајановски.
„Јас како градоначалник, му го однесов проектот, му реков господине министре, еве ви го проектот целосно готов, автентичен е. Еве го тој проект да го видите, значи овој проект ја задржа автентичноста на постојната Универзална сала, особено околу куполата. Исто така нови дополнителни имаше предвидено конгресни сали, мали, поголеми, сали за состаноци. Јас му реков исто така, вие ќе бидете забележани во историјата, дека вие сте ја направиле таа Универзална сала, не јас, не било кој, вие како министер, вие ќе ја сечете лентата, а граѓаните ќе добијат вистински културен центар“, вели Трајановски за Алфа.
Демократскиот сојуз бара темелна истрага за причините за пожарот во Универзалната сала
Демократскиот сојуз бара темелна истрага за причините за пожарот во кој изгоре Универзалната сала, еден од симболите на Скопје.
„Овде во оваа сала се градеа илјадници музичари,актери,фолклористи и безброј други уметници,но негрижата на власта и лакомоста за провизии и пари ја изгореа истата. Обидите за релативизирање на последиците од пожарот,дека истата е осигурана,дека металната конструкција е во ред итн,се само обиди за замаглување на одговорноста. Демократскиот сојуз бара да се направи детална истрага и за тендерската постапка за избор на изведувачот на реконструкцијата на салата, потоа како е избрана фирмата која треба да врши надзор,колку се спроведувале заштитни мерки за превенција од пожар и друг вид на хаварии и случно. Овој пожар само ја отслика неодговорноста и хаосот во државата во кој не внесе власта на СДСМ и ДУИ“, велат оттаму.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.