Власта ќе гласа да сноси одговорност

Објавил: Калина Мартинска | 10 јануари, 2025 16:52

Од пет интерпелации, паѓа само Илире Даути од ДУИ

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Без присуство на пратениците на СДСМ, Собранието ја почна расправата за петте интерпелации поднесени од Европскиот фронт и од Левица. И додека е извесно дека вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ, како и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрид Исени ќе ги преживеат интерпелациите поднесени од Европскиот фронт, до полноќ се очекуваше на претседателката на Комисијата за социјална политика Илире Даути да ѝ биде изгласана интерпелацијата зашто подносителот -пратеничката група на Левица поддршка за нејзиното разрешување ќе добие и од ВМРО-ДПМНЕ.

Во фокусот на расправата за интерпелацијата за Даути, Европскиот фронт ја стави етничката димензија и расправаше за правата на припадниците на ОНА, додека подносителот Левица инсистираше дека Даути треба да биде разрешена поради непочитување на законите и на Уставот.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ,Оливер Спасовски изјави дека нема да ги поддржат интерпелациите и нема да учествуваат во собраниската расправа и ги повика опозициските пратеници да ја напуштат салата.

СДСМ нема да ги поддржи и нема да ги гласа интерпелациите

Интерпелацијата за Даути ја образложи пратеникот на Левица, Сашко Јанчев, кој смета дека Собранието мора да изгласа интерпелација на претседателката на Комисијата поради несовесно, неодговорно и противуставно делување зашто го кочи носењето на законот за бранителите.

Даути не одржа седница на Комисијата кога беше задолжена од претседателот на Собранието и со тоа го прекрши и Уставот и Законот за пратеници. Бидејќи Гаши не назначи некој што ќе ја води седницата на Комисијата му поднесовме кривична пријава. Даути не свика седница кога тоа го побара една третина од членовите на Комисијата и таа не дозволува дополнување на дневниот ред на седницата на Комисијата. Позадината на ова веќе ја даде Илире, која рече дека додека бранителите не се изедначат со припадниците на ОНА, законот нема да се најде на комисија. Револуционерните движења имаат смисла ако се борат за вредности, но УЧК водеше војна за голема Албанија. Голема Албанија е луда идеја оти за големи држави имаше четири војни со резултат – река крв и куп мртви. И сега во 21 век да се турка идеја за голема држава е надвор од памет. УЧК е одговорна за сериозни воени злосторства како за киднапираните Македонци, затворани вентили на брана, врзани цивили за столбови и разнесени со динамит, разурнат Лешочки манастир – рече Јанчев и ги повика колегите од ДУИ да престанат да продаваат етношовинизам.

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, пак, ги повика да му укажат на Гаши да свика седница, а сите пратеници ги повика да ја поддржат интерпелацијата против Даути.

Даути во своја одбрана рече дека интерпелацијата е демонстрирање сила и диктат кон пратениците што размислуваат поинаку.

Не излегов да аргументирам туку да потврдам дека нема да прифатам дел од популацијата да се третира на нееднаков начин. Ќе дејствувам исто секогаш кога тоа ќе биде потребно – рече Даути.

Според најавите на пратениците, вчера се очекуваше до полноќ да заврши собраниската расправа и да се гласа за сите пет интерпелации. Разрешување се очекуваше само на претседателката на Комисијата за социјална политика Илире Даути, додека министрите ќе ја преживеат интерпелацијата. Но, доколку Даути биде разрешена од претседателка на Комисијата, тоа не значи дека таа нема повторно да биде номинирана за истата функција зашто според договорот за распределба на комисиите, таа комисија му припаѓа на Европскиот фронт.
Претседателот на Собранието Африм Гаши на предновогодишната средба со новинарите го потврди тоа.Според Деловникот за работата на Собранието, ако се констатира дека интерпелацијата се усвојува за претседателот на комисијата, тоа не значи и разрешување од функцијата, а и да значи, според интерпретацијата на Деловникот од страна на професионалните собраниски служби, повторно ќе треба да се избере претседател на комисијата од истата партија. Партијата може да ја предложи истата личност и таа повторно да стане претседател на комисијата. Така е уредено во Деловникот – вели Гаши.

Тој објасни дека претседателите на комисиите во Собранието ги договараат координаторите на пратеничките групи.

Ласовска: ВМРО-ДПМНЕ ја поддржува интерпелацијата на Илире Даути од ДУИ бидејќи не го почитува Деловникот

Најпрво да го истакнам ставот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Имено ние даваме поддршка на оваа интерпелација и ќе гласаме за интерпелацијата на колешката Илире Даути, истакна пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Благица Ласовска на денешната собраниска седница.

Ласовска истакна дека интерпелацијата за Илире Даути е поради проблематичното работење кое го кочи работењето на комисијата.

„Во самото образложение на интерпелацијата се вели дека Илире Даути сосема неделовнички, противуставно, своеволно, тенденциозно, па јас би рекла и проблематично го кочи работењето на оваа комисија“, посочи Ласовска.

Ласовска продолжи и додаде:

„Морам да дадам коментар по однос на излегувањето на СДС и овој парадокс што се случи денеска. Имено вчера се оградија од досегашниот партнер во владата, СДСМ се оградува од ДУИ и вели дека тие се најкорумпираната политичка партија во Македонија, а денеска излегуваат и не сакаат да учествуваат во работата на Собранието и не сакаат да дадат поддршка за интерпелацијата на Илире Даути. А, истовремено пак замислете кој е тој парадокс, законот заради кој Илире Даути заслужено добива интерпелација е поднесен од нив сега откако 7 години беа на власт и не поднесоа закон. Само што паднаа од власт поднесоа вакво законско решение“, истакна Ласовска.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.