Градоначалник Стефковски

Објавил: Калина Мартинска | 19 јуни, 2024 9:11

Општина Гази Баба награди 11 првенци, повеќе 400 ученици од заминаа на летен камп

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Општина Гази Баба им додели признание и 3000 денари на 11 првенци на генерацијата од општинските основни училишта на својата територија, кои годинава го завршуваат основното образование.

Општина Гази Баба е единствената општина во Република Македонија која на учениците што се прогласени за ученик на генерација им доделува парична награда од 3.000 денари и признание за постигнатиот успех. Оваа активност се воведе со моето доаѓање за градоначалник на општина Гази Баба бидејќи наша должност е да го почитуваме и наградуваме успехот на најдобрите ученици, а со тоа да бидеме мотивација за сите други – напиша на Фејсбук градоначалникот Бобан Стефковски, кој вчера имаше средба со наградените полуматуранти.

Сепак, оваа општина и покрај тврдењето на Стефковски, не е единствената што се погрижи да ги награди најдобрите ученици на генерацијата.

На 11 првенци на генерација во училиштата во општина Бутел на три наставни јазици македонски, албански и турски, деновиве им беа доделени парични ваучери во вредност од 12.000 денари.

Општина Центар уште минатиот месец додели награди и пофалници на 8 првенци на генерацијата и на најдобрите 13 наставници и стручни соработници во образовниот процес во општинските основни училишта за тековната учебна година. Најдобрите ученици-полуматуранти се наградени со паричен износ од 15.000 денари, а најдобрите одделенски и предметни наставници и стручни соработници со износ од 30.000 денари, согласно Програмата за образование за 2024 година. Наградата им беше доделена по повод обележување на Денот на словенските просветители Свети Кирил и Методиј.

Стефковски испрати повеќе од 400 ученици од Гази Баба на летен камп

Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски утрово ги испрати на училишен летен камп повеќе од 400 ученици од општинските основни училишта на територија на општина Гази Баба.

Оваа година е трета по ред во која се реализира училишниот камп во кој општина Гази Баба учествува со субвенционирање на цената за учество на секој ученик.

За испраќањето на учениците во објава на својата официјална страна на фејсбук информираше градоначалникот Стефковски.

„Утрово имав можност да ги испратам и да им посакам среќен пат и убав престој во училишниот летен камп на повеќе од 400 ученици од општинските основни училишта, кој се реализира со финансиска поддршка од општина Гази Баба преку субвенционирање на цената за учество на секој ученик.

Во рамките на кампот учениците ќе бидат дел од спортски, едукативен и забавен дел, а најважно од се е тоа што тие ќе можат меѓусебе да другаруваат.

Учениците во училишниот камп ќе бидат обучувани за основна пливачка техника.

Овој проект, општина Гази Баба го реализира во соработка со општинскиот сојуз за училишен спорт Гази Баба.

Среќен сум што преку реализација на оваа мерка успеавме да ги направиме учениците среќни, а како една од целите која ќе ја постигнеме со поддршката на училишниот летен камп е и поголема социјализација помеѓу децата.

Ова е еден од проектите кој започна да се реализира со моето доаѓање за градоначалник на општина Гази Баба.

Продолжуваме со реализација на мерки и проекти за најмладите жители на нашата Гази Баба“, напиша Стефковски.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.