Приговорите усвоени

Објавил: Калина Мартинска | 15 мај, 2024 16:51

Османи се жалел по амбасадори дека ДИК ги прифати приговорите на ВРЕДИ

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Министерот за надворешни работи во техничката влада вчера во министерскиот кабинет имал средби со неколкумина aмбасадори од западните земји на кои им се пожалил за одлуките на ДИК и обвини за „изборен инжинеринг“.

Инаку, одлуките на ДИК за прегласување на некои изборни места ја тангираат токму коалицијата на ДУИ, на која припаѓа Османи.

Османи преку својот приватен фејсбук-профил информира дека имал средби со амбасадорите на Обединетотот Кралство, САД, Германија, Велика Британија и Холандија.

„Ја изразив мојата загриженост во врска со компромитирањето на изборниот процес со произволни одлуки на ДИК со цел да се украде изборната волја со правење политички инженеринг со одлуките за прегласување“, напиша Османи во својата фејсбук –  објава.

Тој вчера ревносно ги објавуваше со фотографија средбите со амбасадорите со кус текст и со фотографија. Но на ниту една објава за одделните средби со амбасадорите, преку официјалниот фејсбук-профил како политичар, Османи не ја спомена Државната изборна комисија ниту го спомена „изборниот инжинеринг“. За тоа прашање бездруго разговарал, но тоа не најде место во официјалните објави за одделните средби.

Така, на средбата со холандскиот амбасадор тој ѝ се заблагодарил на неговата држава за активната поддршка за членство во ЕУ, па напиша:

„Нагласена е неопходноста за почитување на Охридскиот рамковен договор како и на другите меѓународни договори кои се од суштинско значење за иднината на Северна Македонија и забрзувањето на евроинтегративниот процес“.

За средбата со американската амбасадорка Османи објави:

„Ја нагласив неопходноста од почитување на Охридскиот рамковен договор и забрзување на евроинтегративниот процес на Северна Македонија како споделен стратешки интерес и гаранција за стабилноста.Посветеност за зајакнување на билатералните односи на линија на активностите кои произлегуваат од Стратешкиот дијалог со САД“.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Политика