
Македонија
Вести
Осум години затвор за Виктор Милановски и Саша Челичиќ кои беа обвинети за грабнување на Самоил Костадиновски, пресуди Основниот Кривичен суд Скопје.
„Обвинетите Виктор Милановски и Александар Трпков, кој е недостапен на органите за прогон, се виновни затоа што на 3 март 2023 на улица „Христо Татарчев“ во Скопје, заеднички извршиле грабнување со закана дека ќе го лишат од живот оштетениот Самоил Костадиновски, да се плати претходно украдената наркотична дрога – роба, за која оштетениот требало да ја плати но не ја платил и не ги предал паричните средства, додека, обвинетиот Саша Челикиќ со умисла им помогнал во извршување на кривичното дело грабнување“, соопшти при денешната објава на пресудата, судијката Славица Наумова Јосифовска.
Двајцата обвинети беа прогласени за виновни согласно член 141 од Кривичниот законик, за кривично дело „грабнување”, за кое е предвидена казна затвор од една до десет години.
Првообвинетиот Виктор Милановски доби пет години и десет месеци затвор, а второобвинетиот Саша Челикиќ доби две години и два месеци.
„Согласно овие цитирани членови судот првообвинетиот, Виктор Милановски, го осудува на казна затвор во траење од пет години и десет месец во која му се смета и притворот од 13.3.2023, а на обвинетиот Саша Челикиќ му се определува казна затвор од две години и два месеци, во која му се смета и притворот од 13.3.2023 до 11.7.2023 година“ се наведе во пресудата.
Претходно, таткото на Самоил, Љупчо Костадиновски рече дека се сомнева оти неговиот син бил убиен, зошто и после една година од грабнувањето, се уште нема никакви информации за него.
„Ние се сомневаме дека Самоил, бидејќи носеше пари со себе, оваа криминална група го има сто отсто убиено и некаде фрлено. Оваа иста група се нудела на албанското подземје дека е подготвена да убива, киднапира и дека истите лица биле поврзани со власта, со МВР, крим трехника и дека за нив нема одговорност. Тоа се докажа кога дојдовме до сознанието дека се тие истите кои ги запалија „волвото“ во кое се возеле со Самоил. Полицијата не мрдна со прст. И мене ме испукаа поради тоа што потврдив дека Александар Трајковски Анфас е главниот организатор во групата. Тој е во бегство во моментов и тој е човекот кој ме испука, кажа Костадиновски.
Инаку, Љупчо е брат на Виолета, сопруга на претседателот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, а исчезнатиот Самоил е нејзин внук.
Самоил Костадиновски беше киднапиран на 03.03.2023 година, а неговото тело се уште не е пронајдено.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.