
Македонија
Анализа
Во тек е истрагата за несреќата во која загинаа 45 патници, а седум лица се повредени откако македонски автобус се запали на магистралниот пат „Струма” на потегот Софија – Благоевград.
Според првичните информации од истражните органи во Бугарија, во автобусот вкупно имало 52 лица, од кои 45 загинаа, а седуммина се хоспитализирани на Клиниката во Софија. Од загинатите, 12 се деца.

Лулзим Сулејмани од Прешево седел на претпоследното седиште во автобусот кој во понеделникот од Истанбул тргнал на пат кон Скопје. Кога се случила катастрофалната несреќа во Бугарија, тој бил буден и свесен за се што се случува околу него. Кога возилото почнало да гори успеал да го скрши страничното стакло на автобусот, ја испружил раката и ја повлекол со себе својата свршеница од Куманово, која не можела да оди, поради повреда на нозете. За последните мигови од несреќата во која загинаа 45 патници од земјава, тој сведочеше пред истражните органи во Бугарија.
Сулејмани кажал дека прво се слушнал удар во банкината, па потоа експлозија, најверојатно од гумата, по што пожарот започнал брзо да се шири од предниот дел. И покрај тоа што бил повреден, тој им помагал и на неколкумина други патници што побрзо да излезат од опожарениот автобус.
– Роднините на патниците во неизвесност дали нивните блиски се живи
Сулејмани е единствениот српски државјанин кој бил во запалениот автобус. Тој е еден од седуммината коишто ја преживеаја несреќата. Српскиот амбасадор во Бугарија, Жељко Јовиќ, објави дека го посетил во болница Сулејмани, кој утрово бил повреден во страотната автобуска несреќа во Бугарија. „И покрај повредата, помогна во евакуацијата на патниците! Добро се чувствува, редовно ќе го посетуваме“, соопшти српската амбасада на Твитер.
Меѓу повредените коишто се хоспитализирани во Бугарија има и семејство, како и нивната 16-годишна ќерка. Повредените не се во животна опасност, но се во тешка состојба и се сместени во клиниката за изгореници. Една од жртвите има повреда на ногата. Министерството за надворешни работи по официјална потврда од надлежните институции на Бугарија, го објави идентитетот на повредените во автобуската несреќа на автопатот „Струма“, близу Софија. Тие се хоспитализирани во софиската државна болница „Пирогов“. Покрај Сулејмани и неговата девојка Медина Љутвиј, со повреди се здобиле и Ебип Пајазитовски (1972), Ѓула Јашаровска (1972), Зулејха Јашаровска (2005), Минир Јашаровски (1971), како и Орхан Алити (1976), државјанин на Белгија.
Мајка ја загуби ќерка си
Обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска, во изјава за сдк.мк по враќањето од Бугарја вели дека од целата несреќа и тага најтешкиот момент го доживеала во болницата, каде што се сместени единствените седум преживеани патници од вкупно 52 во автобусот што изгоре изутрина во Бугарија. Таа во посета на преживеаните била со Државниот обвинител Љубомир Јовески.
„Преживеаните ги затекнавме свесни, но во шок. Се претставивме дека сме од Македонија, пробавме да поразговаравме. Едниот преживеан кажа дека автобусот удрил првин со десната страна во банкината, па потоа во левата. Потоа во секунда избил пожар. Токму тој го скршил стаклото и така се спасиле седум души“, раскажува Русковска.
Човекот што го скршил стаклото се спасил, но член од семејството со кого биле во Истанбул, не успеал да излезе. Изгорел. Меѓу преживеаните, во шок и траума лежела во болницата жена која во тешката сообраќајна несреќа ја изгубила својата ќерка.
„Тешко беше да се гледаат тие луѓе, јас немам зборови. Трет преживеан го загубил целото семејство во несреќата. ‘Сакам кај моите да си одам’, зборуваше тој. Тажно!“, кажува Русковска.

Дванаесет деца меѓу жртвите
На автопатот Струма загинаа 45 македонски туристи, меѓу кои 12 деца, кои што се враќале во Скопје по патување во Истанбул. Најмладите патници во автобусот се близначиња кои имале по четири години, додека најстариот е на 63-годишна возраст. Повеќето од патниците се родени помеѓу 1971 и 2004 година.
Животот го загуби и 27- годишниот Газменд Укали од Кичево и неговата вереница 23- годишната Албина Белули од Тетово. Газменд беше дел од кабинетот на градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари, а во петокот го славел својот 27-ми роденден во Истанбул.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи на прес-конференција во Владата информираше дека се известени семејствата и на загинатите и на повредените во несреќата. Последните информации се дека е извршена обдукција на 20 тела, кои до крајот на неделава ќе бидат предадени на семејствата. Од утре ќе започнат ДНК анализите на телата. По завршување на идентификацијата ќе следи организирана постапка за пренесување на телата на загинатите, во координација со бугарското МВР.
„Што и да направиме денес не можеме да ја надоместиме загубата ниту да ја покриеме тагата. Цели фамилии од денес веќе не се со нас. Ние како МНР ќе им обезбедиме на семејствата достоинство со цел прво да ги добијат вистинските и прецизни информации и префрлување на телата во Скопје“, рече Османи.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.