
Свет
Балкан
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети изјави дека на претстојните парламентарни избори на Косово треба да победат опозициските сили. Ахмети нагласи дека победата на косовската опозиција ќе влијае добро за мирот и стабилноста.
„Од особено значење е во Република Косово да победат опозициските сили. Тоа би влијаело добро за мирот и стабилноста. Очекувам граѓаните од Република Косово да се определат за важни процеси“, изјави Ахмети.
Во Косово со право на глас имаат 1.970.944 граѓани, а во дијаспората 104.924 лица. Косовските граѓани во дијаспората гласаа вчера во 30 дипломатски претставништва, лоцирани во 19 различни земји.
На деветтите парламентарни избори во Косово од прогласувањето на независноста учествуваат 28 политички субјекти, од кои 19 политички партии, пет коалиции, две граѓански иницијативи и еден независен кандидат. Има и шест политички субјекти од српската заедница.
Според предизборните анкети и очекувањата на политички аналитичари, главната изборна битка ќе се води меѓу Движењето Самоопределување на Албин Курти, Демократската лига на Косово на Лумир Абдиџику, Демократската партија на Косово на Мемли Красниќи и Алијансата за иднината на Косово на Рамуш Харадинај.
Собранието на Косово има 120 пратенички места, од кои 20 се загарантирани за припадниците на малцинските заедници. Српската заедница има 10 пратенички места, бошњачката заедница има три, турската заедница има две, ромската (заедницата РАЕ) има четири, а Горанската заедница има едно пратеничко место. Изборниот праг изнесува пет проценти.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.