
Македонија
Вести
Денеска Стево Пендровски ја даде свечената заклетва во македонското собрание и официјално стана петтиот претседател на Македонија.
На свечената церемонија присуствуваа претседателите на Албанија, Бугарија, Косово и Србија, како и министрите на Црна Гора и Грција.
Новоизбраниот претседател се обрати пред присутните и изјави дека ќе ги почитува граѓаните на државата, а не само оние кои го избрале, ќе биде претседател за сите.
,,Како претседател ќе се ангажирам во дипломатските напори за наше полноправно членство во НАТО , како и за почеток на преговорите со Европската Унија . “, се обврза новиот претседател.
Стево Пендаровски кажа дека сега има само два приоритети, економскиот раст на државата и бескомпромисната борба против организираниот криминал и корупцијата.
Тој исто така вчера во ДИК пред новинарските екипи изјави дека во неговиот кабинет нема да има место за оние луѓе кои згрешиле пред законот, за кого точно претседателот не прецизираше.
Биографија на Стево Пендаровски
Петтиот шеф на државата Стево Пендаровски е роден на 3 април 1963 година во Скопје. Дипломирал во 1987 година на Факултетот за правни и политички науки, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, а магистрирал и докторирал на Институтот за социолошки и политички правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
Во изминатите 11 години бил професор на Универзитетот „Американ колеџ“ – Скопје, каде што ги предавал предметите Меѓународна безбедност, Меѓународни односи, Вовед во политика, Глобализација, Геополитика, Надворешната политика на САД, Надворешната и безбедносна политика на ЕУ и Малите држави во светската политика.
Во периодот 1998-2001 година бил началник на Управата за аналитика и истражување во Министерството за внатрешни работи и портпарол на Министерството.
Од 2001 до 2004 година е советник за национална безбедност на претседателот на Република Македонија. Од 2004 до 2005 година е претседател на Државната изборна комисија. Од 2005 до 2009 година е советник за надворешна политика на претседателот на Република Македонија. Од 2016 до 2017 година е пратеник во Собранието на Република Македонија. Од ноември 2017 година Пендаровски е назначен за национален координатор за НАТО.
Пендаровски беше кандидат за претседател на државата на претседателските избори во 2014 година, а оваа година повторно беше избран за кандидат за претседател од страна на СДСМ и Коалицијата и победи и во двата изборни круга пред своите противкандидати Гордана Силјановска-Давкова и Блерим Река.
Пендаровски во вториот круг од претседателските избори освои 436.212 гласа, или 51,66 отсто од гласовите на граѓаните кои излегоа на гласање.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.