Обвинителите наводно не докажале обвинетиот убиец на малата Вања бил во автомобилот Рено Кангу, возилото во кое според истрагата седел првообвинетиот за двојното убиство Љупчо Палевски – Палчо. Ова го тврди тој самиот во писмо од Шутка, кое се споделува по социјалните мрежи а го пренесува и партијата Десна на својата ФБ страница. Обвинетиот за двојното убиство се правда и тврди дека речиси една година траела, како што пишува – „голема лага за еден голем злостор“. Палевски прстот го вперува во екс министерот Оливер Спасовски и обвинителот Гаврил Бубевски за кои тврди дека кажувале лаги, а медиумите ги пренесувале.
„Послушниците на Гаврил Бубевски НЕ го докажале присуството на осомниченото возило на местото на настанот, НЕ докажале МОЕ присуство на местото на настан, НЕ докажале присуство на ПАЛЧО во Рено Кангу кое е осомничено возило и многу, многу интересни докази, но и искази во ОЈО, како осомничено лице 24 часа Е ТЕПАНО, со експлицитна наредба да каже дека Палчо ја убил Вања. ДА, ДА, искази во ОЈО запишани, со прецизен опис на ќотекот! Во име на ЗЛОСТОР секој ден правите уште поголемо ЗЛОСТОРСТВО затоа што ја убивате правдата, вистината, снимени се инспекторите како со главата на обвинет направиле дупка во ѕидот на полициската станица, бруко новинарска! “ пишува во писмото објавено на социјалните мрежи а потпишан е Палевски како автор.
Палевски и пред судот тврдеше дека е невин а тоа и ќе го докажува во судската постапка која треба да почне во петок. Со кои докази ќе го стори тоа не кажа кога го прашуваа новинарите пред скопскиот Кривичен суд. До тогаш ќе објавува писма – 4 продолженија преку порталот „Буревесник“, а ги пренесува и неговата партија Десна. Тој ќе седне на обвинителна клупа како главен креатор и реализатор на двојното убиството – на малолетната Вања Ѓорчевска од Скопје и пензионерот Панче Жежовски од Велес. Заедно со него обвинети се и тројцата негови соизвршители во убиствата Велибор Манев, Влатко Кешишев, Боре Видевски како и такото на Вања – Александар Ѓорчевски кој е обвинет дека давал информации за траекторијата на движење на неговата ќерка.
Телата на Вања и Панче беа пронајдени на почетокот на декември минатата година, а неколку дена подоцна како првоосомничен Палевски беше уапсен во турскиот град Беликесир. Во мај годинава заврши во Шутка откако Турција го испорача до македонските органи.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.