Погребот на владиката Тимотеј

Објавил: Калина Мартинска | 28 ноември, 2024 13:17

Поглаварот Стефан: Светата Македонска црква се простува со една од своите најзаслужни личности во нашево време

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Денес е исклучилно тажен ден за сите нас зошто Светата Македонска црква се простува со една од своите најзаслужни личности во нашево време. Свештенството, монаштвото и верниот народ на Охрид, на Дебарско-кичевската и Австарлиско-сиднејската епархија се збогуваат од својот духовен отец и архиереј, пастир, учител во словото на вистината, верата и доброто, а Синодот на Македонската православна црква, пак, се разделува од својот работлив, сеоддан член и гласноговорник, рече во обраќањето Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан по Заупокоената Света литургија со која чиноначалствуваше во сослужение со надлежните епархиски архијереи на МПЦ – ОА, како и со претставници од другите Помесни православни цркви.

Сепак за блаженопокојниот Митрополит Тимотеј ова е радосен ден, зошто тој заминува при неговиот отец и нашиот отец, при неговиот Бог и нашиот Бог, при оној кому што му го посвети сиот свој живот, оној кој што му е воскресение и живот и покој. Иако Бог го повика дедо Тимотеј порано отколку што би сакале, утеха ни е што сме уверени дека го повика подготвен за Царството небесно. Затоа прифаќајќи ја Божјата волја знаеме дека возљубениот Митрополит денес оди на блажен пат во местото на праведниците.

Се осврна на почетоците од познавањето и служењето во црквата заедно со Митрополитот Тимотеј, но се обрати и кон него посочувајќи дека оставил дело кое „ни рѓата ќе го нагризи, ни молците ќе го јадат“.

Вашето назначување за архиереј најави преображение и воскресение и на молитвениот богослужбен план и во градителството и во возобновувањето на древните светињи со кои изобилуваат и Охрид и Дебарско-кичевската епархија. Дојдовте во вистинско време за паднатите светињи да ги подигнете, а урнатите да ги обновите. Градевте и обновувате храмови и манастири, го обновивте монаштвото, но најмногу од се помогнавте да се обнови и гради црквата во душите на богољубивите луѓе. Високопреосвештен возљубен Владико бевте светлина меѓу народот, бевте светлина која не може да се сокрие, па, по Свети Климет благодарение на Вас Плаошник повторно свети и се гледа од сите страни. Како вистински архиереј помогнавте и Света Софија повторно да си го има местото за кое е изградена, да биде храм на божјата мудрост. Со вашите дела, богољубие и цркољубие, со вашето служење направивте вашето заминување да значи и постојано ваше останување, останување во бројните ваши дела и во спомените на сите. Некој велат сте биле строг, но сите знаат дека сте биле правичен. Работевте неуморно и сиот свој живот и го посветивте на црквата и народот. Времето ќе покаже дека никој не дал колку вас и како вас, додаде во обраќањето Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

Посмртните останки на упокоениот Митрополит Дебарско-кичевски, господин Тимотеј, ќе бидат погребани во јужната апсида на храмот на „Свети Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.