Локализиран е пожарот што избувна утрово во Универзалната сала во Скопје, која е во фаза на реконструкција.
Огнот ја уништи куполата на салата, а во моментот се чека на официјални информации за причините за избувнувањето на пожарот.
Министерката за култура по пожарот
Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска дојде пред Универзална сала, во која претпладнево изби пожар, мошне вознемирена од инцидентот и повика на брзо расчистување на причините за пожарот.
„Направена е материјална штета и ќе се утврди колкава е. Објектот е осигуран, и направената штета ќе се санира со пари од осигурувањето. Прво треба да се почека увидот за да се каже вистинската причина за пожарот“ посочи Костановска Стојчевска.
Герасимовски: Екипите го локализираа пожарот на Универзална, апелирам да не се шират шпекулации
По информациите за избувнувањето на пожарот во Универзална Сала градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски веднаш се упати на терен. Пожарот е локализиран и не постои опасност за другите објекти, сподели тој. Герасимовски на социјалните мрежи известува дека според првичните информации во зградата немало никој и апелира да не се шират шпекулации додека да се добијат официјални информации која е причината за настанување на пожарот.
Став на градоначалничката Арсовска
Се огласи градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска за пожарот кој утрово ја зафати Универзална сала.
– Две години јавно зборуваме дека проектот за Универзална сала кој му е дониран на претходното градско раководство и по кој работеле до локалните избори во 2021 година е погрешен и небезбеден, а градбата спротивна на проектот и дека поради тоа ни може да се продолжи ни може да се гради. Две години бевме напаѓани за тоа што јавно зборуваме! – порача Арсовска во објава на својот фејсбук профил.
– Две години укажувавме дека додека не се обезбеди нов проект и сериозна ревизија на градбата која е спротивна на проектот, дека нема шанси никој од градот да потпише градба и продолжи било каква реализација. Советниците во Советот на Град Скопје на седница во јули 2023 година одлучија Министерството за култура да ја превземе Универзална сала и нејзината реконструкција. По неколку месеци мистериозно гори Универзална сала, наместо да се РЕВИДИРА што правел изведувачот, појаснува таа.
Порача Министертвото за внатрешни работи итно да ги истражи причините.
– И доколку за истото се детектира дека е во прашање човечки фактор и мотивирано е од погрешната и небезбедна градба за што има соодветна документација, за која укажувавме две години и поради која одбивме да продолжиме со изведувачот избран од претходното раководство, институциите да си покренат соодветни постапки за одговорност.
Универзална сала е на скопјани и на Македонија, а некој се обидува да заташка што правел, за што јавно говоревме 2 години и бевме напаѓани за истото од центрите на моќ и кеш. Ајде криминалци да ве видиме дали и како ќе си го покриете делото и срамот! – порача Арсовска.
Поранешениот директор на Универзална – Душко Поповски
Душко Поповски, поранешен директор на Универзална сала во изјава за медиумите рече дека добро е што објектот се запалил празен и што не се урнал. Пред медиумите тој емотивно говереше дека ваков објект не смеел да работи и дека во периодот од 2005 до 2009 година кога бил на раководната функција имало проект за реконструкција и градба на обој објект, но тој не се реализирал.
„Видно ме вознемири веста дека гори Универзална сала и веднаш дојдов овде на местото. Овој објект беше на граница на употреблива вредност во периодот додека јас бев директор, односно од 2005 до 2009 година. Ваков објект не смееше да работи. Сличен ваков објект во Бугарија изгоре за 7 минути. Мојот најголем страв беше дека ќе се случи пожар и еве се случи. Овој објект беше синоним за сите луѓе во Македонија и жалосно е дека толку беше измалтретиран објектот. Уште 2005 година кога стапив на должност имаше проект за реконтрукција и проект за доградба, но тоа не се реализира. Среќа што се запали празен, а не се урна и добро е што нема жртви“, изјави Душко Поповски кој раководеше со Универзална сала од 2005 до 2009.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.