Пред „приватното да биде јавно“ треба и во сферата на приватното жените да се изборат за своето место. Во партијархални општества од денешницата, често се случува жената да има висока позиција во општествената стратификација, да биде ценет и угледен поединец во општеството. Сепак и покрај својата јавна репутација, жените не успеваат да бидат рамноправни и почитувани во рамките на своето семејство. Тие и понатаму имаат потчинета положба во нивното семејство.
Тоа се гледа во начинот на кој се воспитуваат девојчињата и момчињата
Родителите ги воспитуваат девојчињата дека треба да бидат тивки, одмерени, воздржани и повлечени, додека машките деца се воспитуваат да бидат храбри, борбени, да се истакнуваат што повеќе во своето друштво и да земаат фронтална позиција во општеството. Системот на вредности што се пренесува генерациски оди во прилог на тоа жената да ја подготви да биде целосно посветена на своите деца и да биде „идеален“ пример за мајка. Додека момчињата се воспитуваат да бидат надвор од семејството, да делуваат во јавната сфера и да бидат некој вид на „провајдери“ во семејството. Со убедувањето дека жената треба да биде идеален пример за мајка, на жената и се наметнува општествена слика како таа треба да изгледа, а со самото тоа таа ја губи слободата да го истражува и гради својот родов идентитет.
Една од најпознатите авторки на феминизмот – Вирџинија Вулф во својот есеј „Сопствена соба“ тврди дека секоја жена треба да се бори во рамките на домот да има своја, односно сопствена соба
Според Вулф, конструкцијата на просторот е таква да жената нема слобода да самува, да биде отсутна од погледот на другите, како целиот простор во домот да е создаден за таа да биде под надзор. Во текот на денот, жената е во кујна и таа е под надзор на сите членови во семејството, во текот на ноќта таа е во спална каде што е под надзор на својот сопруг. Вулф тврди дека со оглед на ангажираноста на жената во рамките на семејството, единствената слобода која би можела да ја постигне е да има сопствена соба во која ќе може да го обавува своето хоби, да чита книга и да им работна маса. Наместо големи брачни кревети, жената треба да научи да биде и сама. Бидејќи нејзината позиција во семејството дава изглед дека таа е постојано зависна од мажот прво, а второ и отсуствува нејзината свест за слобода во движење внатре својот родов идентитет.
Во последните неколку денови македонската јавност ја тресе аферата „Јавна соба“
Имено група на „Телеграм“ на која се објавувале порнографски содржини била привлечна за многу политичари, новинари и други јавни фигури. Феноменот на јавна соба укажува на две загрижувачки последици. Прво фрапантно е колку девојчиња и жени се служат со порнографски материјали и ги споделуваат со другите. А второ свеста на јавните личности и нивната перцепција за порнографијата е сосема искривена. Јавните личности директно учествуваат во креирање на јавното мислење и имаат поголема одговорност за тоа што ќе пропуштат во јавниот етер како: збор, дејство или гест. Нивното будно следење на голишави фотографии од девојчиња и жени во „Јавна соба“ покажува дека тие не ја третираат порнографијата како естетички и вредносен проблем, туку пристапуваат од позиција на уживатели. Второ објавуваните порнографски материјали биле објавувани без дозвола на девојчињата и жените кои се наоѓале на нив. Тоа е сериозно кршење на приватноста и интимата на жените и е повреда на базичните човекови права и слободи. Од тука произлегува заклучокот дека јавните чинители кои треба да се водат од максимата и етиката на „Човековите права и слободи“ тие учествуваат во нивно кршење и соработуваат со самото тоа што ниту пријавуваат, ниту прават било што со што би го спречиле тој срамен чин.
Што се однесува до девојчињата и жените кои се нашле на „Јавна соба“ не знам дали треба да бидат третирани како жртви или како учесници во јавниот блам
Нивното инсистирање на привлекување на машкиот пол со тоа што ќе испраќаат слики од голи тела со перверзни повикувања е последица од нивното погрешно воспитување. За жал девојчињата се учат дека најважната работа во животот е да се довлечкаш до креветот на еден маж и таму да се задржиш што повеќе, по можност целиот живот. Никој не ги научил девојчињата дека наместо за туѓ кревет, треба да се борат да создадат свој. Да ја изберат својата постела во која ќе го најдат својот мир и спокој. Наместо борба за појавување во „Јавна соба“ треба да покажеме борба за градење на „Сопствена соба“ тоа треба да биде нашето мото како род! Не феминизам, не револуции, само конструкција на свој простор сместен во синтагмата „Сопствена соба“.
Автор: Магдалена Стојмановиќ
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.