Вежби за пукање, фрлање рачни бомби, опстанок на терен: со еднодневен воен курс полската армија се обидува да привлече што повеќе млади луѓе во своите редови.
Поради војната во Украина, земјата сака двојно да го зголеми бројот на војници, пишува ZDF.
На големиот екран може да се види тенк кој се движи низ ридско село. Одеднаш, од зад ѕидот се појавуваат непријателски војници. Софија Адах поцврсто ја фаќа црната јуришна пушка, нишани и го повлекува чкрапалото. Црвените точки ги означуваат нејзините погодици на екранот. „Не задржувајте го здивот додека пукате, само продолжете да дишете“, вели инструкторката, наредникот Магдалена Поровска. Со испружена рака му покажува на стрелецот под кој агол треба да се држи автоматската пушка.
Вежбите за гаѓање на симулатор се дел од бесплатниот еднодневен курс за воена обука што полската армија неодамна почна да им го нуди на граѓаните. Активните војници им покажуваат на цивилите како да користат оружје, како да се однесуваат во опасни ситуации и основите на ориентација на терен. „Мислам дека се потребни такви вештини, тие му даваат на човекот поголемо чувство на сигурност“, вели Софија Адах.
Оваа 40-годишна фитнес тренерка е една од околу стотината мажи и жени кои дошле во Центарот за воздухопловна обука на полските вооружени сили во Деблин. Овде, на околу 140 километри јужно од Варшава, посетуваат еднодневен курс „Вежба со армијата“. Програмата се нуди на 17 воени локации низ целата земја.
Во Полска расте стравот од ескалација на руската агресивна војна против соседна Украина. Полска, како членка на ЕУ и НАТО, масовно се вооружува поради, како што сметаат, заканите од Москва.
Варшава неодамна потпиша договори во вредност од милијарди евра со САД и Јужна Кореја за набавка на нови тенкови, хаубици и борбени авиони. Бројот на војници во вооружените сили треба да се удвои. Во земја со околу 38 милиони жители, армијата моментално брои 110.000 војници, плус 30.000 членови на доброволната домашна безбедност WOT. Во наредните години треба да има 250.000 професионални војници и 50.000 WOT.
„Полската армија мора да биде поголема и посилна за навистина да се одврати можниот агресор“, изјави неодамна министерот за одбрана Мариуш Блашчак. Полска пред неколку години воведе доброволна воена служба. Затоа, оваа еднодневна обука нема само за цел да ги научи граѓаните на некои основни правила на војување, туку и да регрутира што е можно повеќе млади луѓе за воена служба.
Но, тоа не е сè: „Сакаме да создадеме услови за што повеќе луѓе да бидат обучени за ракување со оружје, пружање прва помош и вештини за преживување, како што е способноста да се запали камперски оган или да се подготви вода за пиење“, вели Блашчак.
Во симулаторот за пукање во Деблин, наредникот Поровска ги охрабрува учесниците. „Сакам да пукате што повеќе! За некои тоа не е толку лесно. „Прво морав да ја надминам внатрешната блокада дури да земам оружје“, вели Малгоржата Вос (39). Таа смета дека обуката е корисна за да се избегне паника во итни ситуации.
„Се плашам дека украинската војна е само почеток на нешто поголемо. И ако има вооружен конфликт, не сакам да бегам“, вели Адам Краковиак. 28-годишниот работник во складиште размислува дали да стане професионален војник или да се приклучи на волонтерската служба за внатрешна безбедност, WOT. Обуката треба да му помогне да донесе одлука.
Надвор од полигонот, наредникот Мариуш Старош објаснува како да се користи рачна граната. „По фрлањето, веднаш засолни се, не гледај каде паѓа! ги советува учесниците.
За време на тренинзите за преживување не смее да недостасува извиднички романтизам. Инструкторот за скокање со падобран демонстрира како да се запали камперски оган користејќи ја тапата страна на нож, кремен и кора од бреза. За време на паузата за ручек, на учесниците им се дава порција брза храна – заедно со хемиски грејач што само треба да се измеша со вода. По десет минути јадењето се готви во алуминиумска тава. Мажите се особено воодушевени.
„Се разбира, не можете да ги обучувате луѓето да станат војници за еден ден“, вели постариот наредник Марцин Хрушцицки, кој го следи курсот. Но, во случај на конфликт, не е премногу лошо ако што е можно повеќе граѓани да знаат како да користат оружје. Освен тоа, целата работа е имиџ кампања: „Сакаме да им дадеме на луѓето чувство на сигурност, дека нивната војска е таму, во близина“, додава Хрушцицки.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.