
Македонија
Скандал
Откако пред неколку недели, пратеникот Антонио Милошоски објави во јавност аудитивен материјал со кој се основа сомнението дека извршната власт прави незаконски и неуставен притисок и мешање во одлуките на судската власт, докази за режимската контрола која СДСМ намерава да ја воспостави испливуваат и на навидум бенигни случувања.

Овој викенд свадбена прослава организираше секретарот на СДСМ – Љупчо Николовски. На свадбената прослава, најзабележани, а изгледа и најдраги гости беа токму високите претставници од неговата партија. После свадбата испливаа објави како Заев води оро, како свадбата има традиционални примеси и ја афимира македонската народна симболика. На една од фотографиите, јасно се гледа дека како претставници на националната установа – Танец го играат „Тешкото“ во позадина.
Додека сите магазински вести, ова фотографија ја претставија како доказ дека младоженците го негуваат култот кон народната и националната култура и уметност, на многумина токму ова фотографија им отвори многу прашања и сомнежи. Пред се, нејасно е зошто Национална Установа и Ансамбл за народни игри е ангажиран за изведба која се случува на приватна прослава и тоа на висок функционер на владејачката партија.
Со цел да истражиме дали е дозволено една национална установа да се користи за лични или партиски цели, го побаравме Статутот на “Танец“, но и покрај законската обврска тој да биде објавен на нивната официјална web страна, обидот да дојдеме до Статутот беше неуспешен. Бидејќи не дојдовме до Статутот со цел да ја провериме легалноста на чинот – настапување на приватна прослава на членовите на една национална установа, продолживме да истражуваме дали постои посебна врска помеѓу раководството на Танец и раководството на СДСМ.

Секако откривме дека во минатото се случиле неколку ситуации кои покажуваат дека раководителите на „Танец“ им се симпатични на СДСМ, па често ги пренасочуваат одлуките во нивна корист. Уметнички директор на „Танец“ е Бранка Костиќ – Марковиќ за која во јавноста во 2018 година одекна веста дека си дала „морална оставка од својата функција во Македонска Филхармонија“. Откако Костиќ ја напуштила својата функција во Македонската Филхармонија а за причина наведе дека директорот немал доволно менаџерски способности да изгради стабилна кадровска поставка во Филхармонија, тогашниот директор Илиевски ја откри својата верзија од приказната.
Илиевски посочи дека вистинската причина за разрешувањето на Бранка Костиќ од функција – претседател на Управиот одбор при Македонса Филхармонија впрочем е тоа што тој не и го испочитувал барањето да отвори нова работна позиција – уметнички директор за себе. Илиевски ја обвини Костиќ дека се води од личен интерес за поголема заработувачка, а не од реално незадоволство од работата на институцијата.

По тоа, Бранка Костиќ стана уметнички директор на „Танец“ со обезбедена плата од околу 40.000 денари. Покрај тоа, таа е и уредник во издавачката куќа „Арс Ламина“ која во изминатиот период ја тресеа многу скандали. Прво поради тендерот со „Ѕвезди на светската книжевност“ во кој земаа голема сума на пари, а и сега не се забележува дека не се омилени во Министерството за Култура кое годинава оделило голема сума од буџетот за нивните изданија и проекти.
Дали овој случај е доказ дека извршната власт сака да воспостави контрола секаде? Дали кадарот што го поставува во националните установи, случајно е постојано на листата на платеници од државни пари за нивните проекти? Дали примерот со настапот на „Танец“ на приватната прослава на еден од функционерите на СДСМ е силен доказ дека СДСМ се однесува кон националното богатство како кон лична и приватна сопственост?
Фактите со кои располагаме може да наведат на различни заклучоци и хипотези, но конечниот суд е на читателите.
Автор: Стојмановиќ Магдалена
*Текстот е личен став на авторот на колумната и не е општ став на порталот Магазин.мк .Основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана во согласност со член 16 од нашиот Устав. Новинарот не смее да го користи медиумот за објавување или прикривање информации за стекнување лична корист.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.