
Македонија
Вести
Македонскиот амбасадор во Обединетите нации Љубомир Фрчкоски е повикан на консултации во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, потврдија од МНР за МИА.
Информацијата за МИА ја потврдиле од Министерството.
„Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека согласно Законот за надворешни работи, македонскиот амбасадор во ОН, Љубомир Фрчкоски, е повикан на консултации во Министерството“, велат од МНР и дополнуваат дека јавноста ќе биде навремено изввестена за сите дополнителни детали.
Наводно Фрчкоски е повикан на консултации во Министерството поради финансиски малверзации – затајување на материјални средства од сукцесија на објекти, трошење финансии спротивно на правилниците на работа на дипломатско-конзуларните претставништва – и непостапување по добиените насоки кои во изминатиот период ги добивал од МНР.
Во март 2022 година Љубомир Фрчкоски замина како амбасадор на земјава во ОН откако тогашниот претседател Стево Пендаровски го потпиша Указот за негово заминување во мисијата. Фрчкоски, сепак, не успеа да ја презентира својата платформа пред собраниската Комисија за надворешни работи бидејќи тогашниот комисиски претседател Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, во најмалку два наврати не закажа седница на Комисијата.
Од кабинетот на шефот на државата тогаш објаснија дека постапката за именување амбасадор завршува со одбраната на тезите на кандидатот пред колегиумот на МНР што Фрчкоски го направил уште во 2021 година.
Претходно во Скопје на консултации беше поовикан и амбасадорот од Рим, Италија, Весел Мемеди. Како што додаваат оттаму, датумот на средбата со министерот ќе биде дополнително утврден.
Иницијативата за негово повикување произлегла од новиот министер за надворешни работи, Тимчо Муцунски.
Мемеди во февруари годинава испрати допис до италијанските власти, со кој ги информираше дека валидните патни исправи со името Република Македонија од 12. 02. 2024 се неважечки.
ВМРО-ДПМНЕ тогаш излезе со со реакција дека Мемеди на своја рака донел потези со кои им наштетил на македонските граѓани во Италија.
Неколку дена по дописот на Мемеди, МНР, предводено од тогашниот министер за надворешни работи Бујар Османи, испрати нова нота до италијанските власти, информирајќи дека амбасадорот Мемеди нема добиена никаква инструкција да доставува ноти за предметната тема.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.